Палестинското Министерство за здравство во појасот Газа синоќа објавило дека бројот на загинати Палестинци во судирите со израелската армија се искачил на 103, од кои 27 деца, а 530 се повредени.
Бројот на загинати бил објавен по неколку извештаи во локалните палестински медиуми за израелски напади врз станбени области.
Судејќи според првичните проценки, во некои случаи биле убиени цели семејства.
Сепак, Израел тврди дека повеќето убиени во Газа биле членови на екстремистички организации, а дека имало и жртви во експлозијата на ракетите на Хамас кои паднале на палестинска територија.
Израелските медиуми, во меѓувреме, известуваат за силен напад со ракетен напад во правец на меѓународниот аеродром Бен Гурион во близина на Тел Авив.
Израелските власти утрово објавија дека комерцијалните авиони повеќе не слетуваат на тој аеродром, туку се упатуваат кон друг, во близина на Еилат, на крајниот југ на земјата.
Исто така, ракети се истрелани и кон градовите Ашдод и Ашкелон.
Ракетирањето на Израел започна во понеделникот вечерта по кулминацијата на конфликтот меѓу израелската полиција и палестинските демонстранти во Ерусалим минатиот викенд.