11 години од смртта на Глигоров: „Мудроста е способност да се предвидат последиците-таква особина имаше таткото на нацијата“

од Nikola Popovski
548 прегледи

Изминуваат 11 години од смртта на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. „Таткото на нацијата“, како што често го нарекуваа Глигоров, беше човекот кој успешно ја извади својата земја од југословенската федерација на почетокот на 90-тите години на минатиот век. Под негово раководство, Македонија успеа да го постигне она што ниту една друга југословенска република не успеа да го направи – мирно да ја добие независноста, среде страшна војна. Неговите храбри одлуки се уште се прераскажуваат, а неговите заслуги заслужуваат многу повеќе од поводно сеќавање.

За државничките способности на Глигоров, говорат и дел од неговите соработници од тоа време. „Локално“ поразговара со универзитетскиот професор и еден од најзаслужните за организирањето и реализацијата на референдумот за независност, Јове Кекеновски. Тој вели дека периодот пред атентатот во 1995 година, Киро Глигоров имаше неспорен авторитет во однос на сите останати тогашни политичари и други јавни личности во кој период неговото големо политичко искуство и минат труд потполно дојдоа до израз, имајќи во предвид дека тоа беа турбулентни времиња, време кога се распаѓаше дотогашната заедничка држава.

Јове Кекеновски

-Благодарение на неговото политичко искуство, спорите но мудри чекори и одклуки ние раздружувањето од поранешната држава го поминавме многу побезболно за разлика од Словенија, Хрватска и БиХ. Во овој контекст сакам да потсетам дека тој стапи на функција на 73 години, а зад себе имаше скоро 50 годиштно искуство поминато во Белград на најодговорни партиски и државни функции во поранешната СФРЈ, истакнува Кекеновски.

Тој потенцира дека Глигоров во историјата ќе остане запаметен и како човек кој е најзаслужен затоа што тогашна ЈНА речиси без ниту еден испукан куршум, без ниту еден друг инцидент мирно се повлече од територијата на Република Македонија.

-Поточно благодарение на него и на неговото претпазлво раководење со државата, се зачува мирот па дури и стабилноста на државата. За многу идни генерации ке останата запаметени неговите зборови: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе.“ Но исто така тој ќе остане запаметен и по неуспешниот обид да се сочува она што остана од дотогашната заедница односно да продолжи да функционира некаква реформирана Југославија, (некој вид лабава федерација). Овде мислам на Платформата Глигоров – Изетбеговиќ, посочува Кекеновски.

Професорот укажува и дека Глигоров е заслужен за тоа што Република Македонија во 1993-та година, и покрај спротивставувањето на Грција, доби членство во ОН и со тоа и потврда на својата државност – но под името „Поранешна југословенска Република Македонија“ кое за жал како привремено име ни остана доста долго време.

-Морам да потенцирам дека тука постоеше една погрешна проценка дека во однос на спорот со името не треба да се брза бидејќи времето наводно работело за нас, за Македонија, што се покажа како погрешна процена. Што се однесува до вториот период на неговото претседателствување, а тоа е периодот по атентатот извршен врз него, а со оглед на последиците од атентатот по неговото здравје некако почна полека да бледее неговиот дотогаш неприкосновен авторитет за сметка на помладите сили од СДСМ на чело со Бранко Црвенковски кој „веќе беше пораснал“ и кој во меѓувреме ја зацврстил својата партиска, но и државна позиција, ни рече Кекеновски.

Околу неговото лидерство и одлуки, во споредба со лидерството на денешните политичарит, професорот вели дека разликата е огромна.

-Киро Глигоров беше лидер во вистинска смисла на зборот. Тој остана далеку доминантен над партијата и партиите кои го поддржуваа, додека сите претседатели по него не успеаа да се оттгрнат од партиските стеги и од сенката на лидерите на политичките партии на кои им припаѓаа. Едноставно на сите подоцнежи претседатели „претседателскиот костум“ им беше преширок и немаа капацитет да го исполнат и износат како што личи на прв човек во една држава. Сите тие беа и останаа партиски слепи послушници без никаков елементарен сенс, капацитет и можност за оставање сопствен белег за време на нивното претседателствување. Едниот поради неговото верско убедување и пацифизам се обрука се неспремноста да си ја заштити државата од теористите, друг не смееше „збор да им противречи“ на оние кои го поставија на таа позиција, па згора на тоа и ги амнестираше за сторените злосторства и криминал. Додека овој последниот е приказна сама за себе, безлична и полугласна политичка фигура кој води политика „купи ден, помини“, објаснува Кекеновски.

Професорот се согласува дека првиот претседател на независна Македонија имаше прагматичен, цврст и претпазлив однос по многу прашање, иако вели дека за некои прашања имаше и нужен свесно пресметлив став водејќи се од логиката и личната проценка на моменталната ситуција и стекнатото искуство.

-Некои политичари и јавни личности се обидуваат ова да го претстават како калкулантство, а јас би рекол пресметано калкулантство но никако во негативна смисла на зборот, напротив во позитивна. Мораме да имаме во предвид дека неговите години и искуство сериозно беа почитувани и респектирани од страна на сите европски и светски политичари. Едноставно тој беше политичар кој странците и не само тие туку и домашните политичари внимателно го слушаа кога говореше, тврди Кекеновски, кој во времето на прогласувањето независност на земјата, беше во функција заменик градоначалник на Градот Скопје.

За разлика од досегашниве политичари кои пред се заради лични мотиви и цели лесно пристапија и го сторија тоа што го сторија со името на државата , вели соговорникот „со дозволување источниот сосед  да ни се меша во историјата и културата и да ни кажува кои сме и што сме, доколку тој и понатаму беше на чело на државата (онаков како што го паметам во период од 1992 -1995 година) секако дека немаше да ни се случи ова што ни се случи“.

-Едноставно ќе влезевме и во НАТО и во ЕУ подостоинствени , необезличени и гордо исправени, а не вака подгрбавени и безлични. Сакам да потсетам дека Киро Глигоров сериозно се спротивстави и на содржината на Рамковниот договор. Во повеќе свои јавни настапи тој го изразуваше своето незадоволство од потпишувањето на компромисниот Рамковен договор на штета на Македонците и останатите друго етнички заедници во државата и настојуваше да се промени содржоната на предложените амандмани на Уставот. За разлика од подоцнежните и сегашниве политичари за него унитарноста на државата ќе беше приоритетна цел и задача. Ќе бевме свои на своето, ќе бевме широко отворени кон светот, како независен, рамноправен и со интегритет почитуван субјект, оценува Кекеновски.

Соработката со Глигоров за „Локално“ ја сподели и дипломатот од кариера и првиот македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски.  Тој ни рече дека првиот претседател на Република Македонија бездруго и со сигурност може да се каже дека дојде во Македонија во едно турулентно време.

Љупчо Арсовски со Киро Глигоров

-Беа тоа денови и месеци кога милиони граѓани на до тогаш силната СФР Југославија беа збунети и речиси немо ги следеа преку медиумите настаните кои од седници и конференции на државните и партиските раководители „дијалогот“го префрлија во одредени региони на таа голема земја но со постапки кои би ги формулирал како  „дијалог на оружјето“. Значи Глигоров дојде во прав момент во период кога почна крвавата разврска на југословенската криза.Секако дека најважната одлука беше тогашната Југословенска Народна Армија мирно  да си замине од Македонија. Тогаш се случи и првата жртва на млад војник од Македонија кој загина во Сплит. Глигоров тогаш ќе изјави дека целокупното оружје на ЈНА не вреди за еден човечки живот. Со крајно сериозни напори, разговори, па преговори Македонија беше спасена од војна. Секако дека Претседателот Глигоров ги донесуваше одлуките, но тоа беше во една државничка постапка со консултации со Собранието или поточно со првиот Парламент на независна Република Македонија на чие чело беше Стојан Андов, посочува Арсовски.

Според записите на двајцата државници, тие имале добра соработка во Сојузните органи.

– Очигледно беше дека искуството, одговорните позициите на најодговорните места, на кои  двајцата долги години се наоѓаа во Белград беше пресудно во донесувањето на судбоносни одлуки  особено преку парламентарните одлуки и резолуции. Да нагласам дека клучна беше и одлуката за реферндумот за независност која меѓународната политичка сцена единствено го признава како одлукиа на една држава со сите нејзини атрибути. На чело на партиите во новиот повеќепартиски амбиент беа главно млади луѓе речиси  без никаково искуство во државничката сфера која е поврзана со економија, финансии, меѓународна политика и слично. Природно лидерите на партиите беа заинтересирани за омасовување на своето членство. Се излетуваа со разни изјави некогаш смешни, некогаш опасни. Секоја споредба со донесувањето на одлуки на владите кои во децении е зад нас е прашање кое повторно ќе не донесе на теренот на искуството, резултатите, чесноста во работењето, организирањето и внимателност во доследна примена на кадровската политика во градењето на  институциите на системот. Значи и ден денес со тие прашања, со кои  токму сега се среќаваме како болна точка на секоја држава па и на нашата, истакна Арсовски.

На прашањето што мисли за лидерството на Глигоров и лидерството на денешните највисоки функционери во ситуации и одлуки кои се државотворни, амбасадорот вели дека зад лидерот мора да постои способен тим на соработници, не само од опкружувањето на лидерот туку и во државните структури или државниот апарат.

-Тој тим околу лидерот и задолжени поединци за кој било проблем кој треба да се реши или постапно да се решава со одлука на лидерот мора да биде квалификуван, одговорен тим, со соодветно искуство и резултати во сферата и задачите за кој е задолжен и чесно и без страв да сугерира решенија, објаснувања кои се пресудни за донесување на одлуки во некоја постапка, се до финално заземање став. Претседателот Глигоров имаше големо трпение во сослушување на соговорникот, знаеше кога да направи дополнителни разговори и консултации до заземање конечен став, ни објасни Арсовски.

За односот на Глигоров, Арсовски наведува неколку моменти каде што доаѓала до израз неговата државничка должност.

-На пример: Конферемциите за Југославија, периодот кога започна едностраното ембаргото од страна на јужниот сосед, донесувањето на  Лисабонската декларација, приемот на Република Македонија за полноправен член на ООН, процесите кои доведоа до укинување на ембаргото и потпишувањето на Привремената спогодба кое нешто кулминираше со неуспешниот атентат од 3 октомври 1995 година. Во тие времиња со бројни настани, Глигоров беше во еден постојан „странски притисок“ би рекол во позитивна насока како да се надминат сериозните проблеми сомкои се соочуваше младата македонска држава. Бројни посети на странски делегации и поединци, долги  разговори , патувања и средби со бројни државници каде што повторно ќе нагласам дојде до израз неговото искуство како зрел и одговорен државник со мудрост кон кого странските соговорници имаа голема почит. Чинам дека деталните објаснувања за разни состојби, пренесување на историските факти кои беа основа за клучните ставови кои ги изнесуваше Глигоров делуваа многу убедително на соговорниците со кои се среќаваше. Делуваше цврсто и убедително при изнесување на ставовите  на многу прагматичен начин, вели поранешниот амбасадор.

Со таков израз и приод Глигоров, додава тој, оставаше кај странските соговорници навистина голем впечаток.

-Се сеќавам дека за време на мојот мандат во Атина како прв амбасадор на Република Македонија во Република Грција, Асоцијацијата на странски дописници и грчки новинарски здруженија во годините 1996/97 година направија анкета кој е најмудар политичар на Балканот и со голем број гласови тоа беше токму претседателот Киро Глигоров. Во овој контекст да нагласам дека во 2000 година во Скопје излезе од печат неговата мемоарска книга „МАКЕДОНИЈА Е СЕ’ ШТО ИМАМЕ“. На моја иницијатива и со негова согласност како резултат  на мојата добра соработка со неколку грчки новинари книгата беше преведена на грчки јазик. Промоцијата се одржа  на 11 јуни 2001 во еден од најголемите хотели во центарот на Атина спроти грчкиот Парламент. Промотори беа видни професори по мегународно право и мегународна политика од Атинскиот универзитет и грчки новинари експерти за надворешна политика и дипломатија. На промоцијата во преполнетата сала беа присутни голем број амбасадори акредитирани во Грција, ни раскажа Арсовски.

Дипломатот вели дека неблагодарно е да се гледа на донесување на одредени одлуки околу односот на Глигоров со одредени барања на тогашната меѓународна заедница, кои според него, се практично барања на меѓународната заедница особено кога е земјата полноправен член на некои асоцијации од различен вид.

-Би рекол невозоможна е таква споредба со денешниов период бидејќи се работи за ситуации кои се некогаш  обврзувачки за земјата а уште повеќе се работи за различни врменски периоди и поинаква меѓународна констелација или поинаков политички или економско-финансиски амбиент. Постојат разни механизми кога земјата е обврзана да изрази одредена солидарност и да донесе соодветен став особено кога државата  е полноправен член или се започнати некои процеси при зачленување. Глигоров со голема одговорност и мудрост (за ситуации кои ми се познати) реагираше и ги сослушуваше соработниците и функционерите. Реченото особено кога се работеше за некои одлуки врзани за билатерални и мултилатерални договори. Глигоров еднакво се однесуваше и конечно не избрзуваше. Хипотетички, секако одлуките од клучна важност при склучување на меѓунардони и билатерални договори кои се во надлежност на Претседателот на Републиката, Глигоров ги донесуваше и сигурно и сега би ги доненесувал согласно предвидените постапки и со голема мудрост кон соодветното барање ценејќи го моментот и секако иднитата или соодветните последици при одбивање да се заклучат а уште пострашно да се поништат или да не се применуваат. Механизмите кои постојат на меѓународен план се обично проследени со прецизни постапки (понекогаш сурови и со голлеми последици за брзоплето донесување или одбивање). Мудроста е способност да се предвидат последиците. Таа особина ја имаше првиот претседател на Република Македонија, господинот Киро Глигоров, заклучува Арсовски во разговорот.

Н.П.

Слични содржини