Законот за стечајци утре на Комисијата за труд и социјална политика

од desk4
324 прегледи

Предлог – законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, утре ќе се најде како единествена точка на дневниот ред на Комисијата за труд и социјална политика.

Со предлог законот за стечајци, право на материјално обезбедување би оствариле најмалку 1.100 невработени лица на кои работниот однос им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во претпријатија со доминантна сопственост на државата или по нивната приватизација, во периодот од 1 јануари 1993 година, заклучно со 30 јуни 2019 година.

Во членот 6 од законот пишува:

„Право на паричен надоместок, согласно овој закон, може да оствари невработено лице кое ќе поднесе барање до Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, каде што е евидентирано, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Агенцијата за вработување, правото на паричен надоместок од ставот 1 на овој член, го утврдува врз основа на лично барање на невработеното лице“.

Со законот за стечајци се предвидува, материјално да се обезбедат лицата кои имале најмалку 14 години работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, кои на денот на поднесување на барањето се на возраст од најмалку 52 години (жена) и 55 години (маж), на кои работниот однос им престанал заклучно со 31 декември 2020, кои оствариле право на паричен надоместок по 1 јануари 1993 година и кои од 31 декември 2020 година до денот на влегување во сила на овој закон, не биле во работен однос. Целта на овој закон е да се овозможи дополнителна група на невработени лица да можат да материјално обезбедени по основ на овој закон.

Со Предлогот на Закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, ќе се овозможи материјална заштита на лицата кои претходно, поради неисполнување на условот за времетраењето на работниот однос, не можеле да го користат правото на материјално обезбедување поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.

За спроведување на овој закон на месечно ниво ќе бидат потребни 13.093.300 денари, односно за 4 месеци од 2021 година околу 52.373.200 денари.

Б.Т.

Слични содржини