Француската полиција ги отклучи шифрираните телефони на групата на Беливук

од Vladimir Zorba
598 прегледи

Иако владата на Србија се пофали со успешната истрага против Вељко Беливук и Марко Миљковиќ, тврдејќи дека српските служби се одговорни за разбивање на нивниот криминален клан, според обвинението, потпишано од обвинителот за организиран криминал Младен Ненадиќ, не може така да се заклучи, пишува српска „Нова“. Имено, според податоците од обвинението, повеќе од 90 проценти од доказите всушност се добиени благодарение на меѓународната помош, односно во прва линија на француската полиција, која успеа да ги отклучи „скај“ телефоните на оваа група.

Додека министерот за внатрешни работи, Александар Вулин се брани од обвинувањата дека Федералното истражно биро (ФБИ) учествувало во истрагата против групата Беливук-Миљковиќ, се чини дека доколку немало одредени странски служби, уапсениот криминален клан ќе продолжел да врши злосторства во Србија, а за која се сомничат.

„Им честитам на српските припадници на полицијата што го скршија кланот Беливук-Миљковиќ. ФБИ не учествуваше во разбивањето на оваа банда и нема да дозволам да се потцени работата на српската полиција. Србија со право ви е благодарна“, рече Вулин претходно.

Меѓутоа, иако Вулин посочи дека падот на споменатиот клан е исклучиво успех на српската полиција, наводите од обвинението дефинитивно го негираат тоа. Не треба да се занемари дека повеќе од половина од клучните докази немаше да ги има ако европските служби не успеаја да ги скршат и отклучат шифрираните телефони „скај“, кои обвинетите ги користеле подолг временски период. Комуникацијата „Скај“ е дешифрирана од работата на неколку полициски сили, Франција, Холандија, Белгија и Европол, во изминатите месеци.

Корисниците на уредот „Скај Глобал“ комуницираат едни со други во затворена мрежа, а компанијата ги насочува комуникациите преку шифрирани сервери лоцирани во Канада и Франција. Токму поради тоа, обвинителот Ненадиќ во обвинението побара целосната содржина на документите доставени од судскиот орган на Република Франција да се разгледаат и испитаат на главниот претрес.

Од друга страна, огромното мнозинство од преостанатите информации од обвинението беа поткрепени со комуникација меѓу членовите на криминалната група, кои преку „скај“ си праќале фотографии од масакрираните тела, па јасно е дека главните адути на обвинителот се всушност докази од странски служби.

Во пораките, членовите на кланот користат кодни имиња, зборуваат за она што им го направиле на жртвите, како ги измачувале, но и кои се нивните следни чекори, се наведува во обвинението.

Се претпоставува дека телефонската комуникација, која беше откриена со пробивање на шифрираните телефони на групата на Беливук, е главниот доказ за убиствата, имајќи предвид дека телата на жртвите се исчезнати.

Инаку, во обвинителниот акт на 322 страници, обвинителот Младен Ненадиќ се повикува на споменатата комуникација преку телефоните „скај“. Според обвинението, благодарение на документите добиени преку меѓународна правна помош, откриени се деталите за бруталните злосторства, а несомнено треба да се покаже благодарност до европската полиција, без која немало да има докази,додава „Нова“.

Слични содржини