Државното правобранителство за хонорарите на сестрите Ејупи: „Шпекулативни напади врз институцијата“

од Vladimir Zorba
453 прегледи

Државното правобранителство на Република Северна Македонија преку соопштение остро ги осуди последните, како што ги нарекуваат, „шпекулативни напади врз институцијата“.

„Основната надлежност и задача на Државното правобранителство е одбрана на државата во голем број судски постапки, односно над 200 илјади предмети од кои 65 илјади се само во подрачје Скопје. При толкав обем на предмети, се соочуваме со недостаток на кадар или премал број на стручни лица и затоа се ангажираат лица на договор за дело за месечен хонорар и целосно законски, бидејќи институцијата нема финансиска согласност за вработување на потребниот стручен кадар“, велат оттаму.

Посочија и дека објавувањето лични податоци на граѓани е крајно неетички и неморален чин и преставува повреда на Законот за лични податоци.

Претходно „Телма“ објави дека покрај Бесмира Ејупи, несудената конзулка во Њујорк, и нејзината сестра заработувала хонорарно во Државното правобранителство.

За две години, Фатиме Ејупи во 14 наврати добила по околу 20 илјади денари по трансакција или вкупно заработила околу 4.200 евра до Државното правобранителство. Сестрата Бесмира, пак, која на затворена владина седница првин беше назначена за конзул во Њујорк, па потоа отповикана, од Правобранителството исто така заработила околу 4 илјади евра.

Сестрите Ејупи работеле за повеќе државни институции – Бесмира била ангажирана хонорарно и во општините Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец, додека Фатиме Ејупи лани во декември добила илјада евра хонорар од Државната изборна комисија и уште околу 4 илјади денари од УЈП во повеќе ситни трансакции.

Во државното правобранителство, освен двете сестри, хонорари земала и ќерката на Андријана Сливоска, генералната секретарка на Државното правобранителство. Помладата Сливоска во 12 трансакции подигнала над 4.400 евра од институцијата која треба да се грижи и да ги штити државните интереси и парите на граѓаните, објави Телма.

Слични содржини