Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа пристигна во САД каде на американскиот претседател Џо Бајден ќе му ги претстави деталите од неговиот „план за победа“ со цел да се стави крај на руската инвазија, уверувајќи дека оваа есен ќе биде одлучувачка.
– Пристигнавме во САД. Главната цел е да ја зајакнеме Украина и да го заштитиме целиот наш народ. Оваа војна може да заврши само со праведен мир благодарение на меѓународните напори, напиша Зеленски на Х.
Во видео-пораката од авионот објавена на истата мрежа, Зеленски рече дека прво оди во американската сојузна држава Пенсилванија по „специјална порака“, пред Њујорк и Вашингтон.
Во пораката од Скрентон, Пенсилванија тој информира дека посетил фабрика која произведува артилериски гранати од 155 милиметри.
– Сега, за нашите војници кои ја бранат не само нашата земја, не само Украина, фабриката ќе го засили производството. Посетата на САД ја започнав со изразување благодарност до сите вработени во фабриката и со постигнување договори за проширување на соработката меѓу Пенсилванија и нашата Запорожје. На места како ова навистина можете да почувствувате дека демократскиот свет може да надвладее. Благодарение на луѓето како овие – во Украина, во Америка и во сите земји партнери – кои неуморно работат за да се осигураат дека животот е заштитен, напиша Зеленски.
Зеленски во САД планира да им го претстави планот на „сите лидери на земјите партнери“, како и во американскиот Конгрес и двајцата кандидати за претседателските избори во САД, демократската кандидатка, потпретседателката Камала Харис и републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп.