На одлуката на Владата да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии во Стразбур, која пред повеќе од два месеца ја изготви комисија формирана токму од неа и да се формира нова комисија која ќе направи нов избор, реагираше уставниот судија Осман Кадриу, кој беше член на Комисијата која го вршеше изборот.
Тој смета дека не може да стане збор за „неисполнувањето на предвидените услови“ како причина поради кој Владата одлучила да ја отфрли листата изработена од комисијата во која тој бил членувал. Кандидатите Јордан Апостолски, Ленче Ристоска и Габриела Гајдова ги исполнуваат сите услови, вели Кадриу, додавајќи дека при одлучувањето за нив, членовите на комисијата „се воделе од принципите на стручноста и моралноста на пријавените“.
„За да имаме квалитетен избор, ние одлучивме, по мој предлог, и во Деловникот се вгради одредба предложените, односно избраните кандидати од страна на Комисијата треба да добијат минимум двотретинско мнозинство. Значи од 9 членови колку што броеше Комисијата требаше 6 гласа да добијат. Тие тројца што се предложени од Комисијата се избрани со двотретинско мнозинство, сметајќи дека ги исполнуваат условите“, рече Кадриу во изјава за „Телма“.
Кандидатките Ленче Ристоска и Габриела Гајдова денеска побараа од Владата јавно да соопшти зошто донела одлука со која утврдила дека не ги исполнуваат предвидените услови.