17 километарска “мартинка” од Гинис, донесена во Скопје

од desk4
64 прегледи
Мартинка долга 17 километри, која што е запишана во Гинисовата книга на рекорди, од денеска е изложена во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје, како дел од меѓународната изложба на мартинки што ја организира Центарот за научно истражување на промоција на културата „Хаемус“ од Скопје во соработка со културни институции од Бугарија, Романија и партнери од Србија.
martinka-ginis
Мартинката за Гинис лани  беше изработена лани на 1 март од страна на голем број граѓани на плоштадот во бугарскиот град Видин и денес е дел од поставката во Етнографскиот музеј на Видин.
Изложбата на мартинки ќе трае до 9 март и се организира по повод меѓународната апликација во УНЕСКО за признавање на овој традиционален украс како нематеријално светско културно наследство.
Оваа апликација во УНЕСКО заеднички ја поднесe Република Македонија, во партнерство со Бугарија, Романија и Молдавија.
Традицијата за плетење се поврзува со почетокот на месец март и е карактеристичен за повеќе балкански држави како што се Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.
На овој ден луѓето си подаруваат плетени амајлии од црвен и бел конец кои се носат на раката или закачени на облеката и за кои се верува дека ги штитат оние што ги носат.  Според обичаите мартинките се подаруваат на блиски луѓе и се носат се додека не расцвета првото дрво или додека оној што ги носи не го види првиот штрк или ластовичка.
Потоа мартинката се става под бел камен или се закачува на некое дрво пропратена со желба за радост, среќа или љубов.