18.000 тони украинска пченка пристигнаа во Шпанија преку Балтичкото Море

од Nikola Popovski
244 прегледи

Товарен брод со 18.000 тони украинска пченка денеска пристигна во Шпанија, бидејќи, како што соопшти Шпанската земјоделска асоцијација, товарот првпат поминал преку Балтичкото Море за да се избегне руската блокада.

Бродот „Алпила“, кој пловел под финско знаме, утринава пристигна во Ла Коруња, Галиција во северозападна Шпанија, каде што треба да истовари пченка наменета како храна за животните.

Според галициското здружение на производители на добиточна храна „Аgafac“, до кое е испратена нарачката, пченката била транспортирана од Украина во Романија и Полска со камиони пред да пристигне во полското пристаниште Свинујушче на Балтичкото Море.

Бродот потоа запрел во германското пристаниште Брунсбител северозападно од Хамбург пред да стигне до шпанскиот брег.

„Ова е прва пратка жито на новата поморска рута отворена на Балтикот за да се заобиколи блокадата што руската морнарица ја држи во украинските пристаништа на Црното Море од почетокот на војната“, соопшти шпанската компанија „Аgаfac“.

Украинското Министерство за земјоделство не може да потврди за Франс прес дали ова е прв пат да се испорачува роба преку овој пат.

Кога на 24 февруари започна руската инвазија на Украина, извозот на житарки и вештачки ѓубрива беше блокиран, што беше закана за кризата со храна во многу земји, пред се во Африка и на Блискиот Исток.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев во моментов извезува два милиони тони жито со воз секој месец, но дека тоа е многу помалку од она што го извезувал пред војната преку пристаништето, особено од Одеса.

ОН и некои земји, како Франција и Турција, се залагаат за отворање на поморски коридор преку Црното Море што ќе овозможи продолжување на украинскиот извоз.

Кон крајот на мај, идниот шеф на американските сили во Европа, генералот Крис Каволи, изјави дека Германија воспоставила железнички мост со Украина за да му помогне на Киев да извезува жито што се акумулирало во земјата поради руската блокада.

-Германската железничка компанија сега извлекува огромни количини жито од Украина преку Полска и пристаништата во северна Германија за извоз, рече тој.

Слични содржини