248 камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа

од Vladimir Zorba
178 прегледи

ОН во саботата објавија дека 248 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа по прекинот на огнот, од кои 61 донеле медицински материјали, храна и вода во северната палестинска енклава.

Единаесет амбулантни возила, три автобуси и трактор беа доставени во болницата Ал Шифа, најголемата во Појасот Газа, „за да помогнат во евакуацијата“, соопшти Агенцијата на Обединетите нации за хуманитарна координација (OCHA).

Израелските власти тврдат дека болницата е главното седиште на операциите на палестинското исламистичко движење Хамас во Појасот Газа, што Хамас го негира.

„Колку подолго трае прекинот на огнот, толку повеќе хуманитарни организации ќе можат да испорачаат“, соопшти OCHA, која им се заблагодари на палестинската Црвена полумесечина и на египетската Црвена полумесечина.

Израелските затворски власти во текот на ноќта објавија дека 39 палестински затвореници се ослободени бидејќи Хамас, кој владее со Газа, ослободи 20 заложници на вториот ден од паузата во воените операции од петокот.

Со посредство на државата Катар, Израел и Хамас се договорија за време на четиридневниот прекин на огнот Хамас да ослободи 50 заложници, а Израел 150 палестински затвореници, а во Газа истовремено ќе биде доставена и хуманитарна помош.

ОН и меѓународните невладини организации, како и бројни странски престолнини со недели повикуваат на прекин на огнот со цел итно да се достави помош до населението во Појасот Газа изложено на бомбардирање, без недостаток на струја, вода и храна.

Војната започна на 7 октомври, кога Хамас уби 1.200 луѓе, од кои огромно мнозинство беа цивили, и зеде околу 240 заложници во крвавиот напад на израелска територија.

Израел потоа безмилосно го бомбардираше Појасот Газа и започна копнена офанзива на 27 октомври за да го „елиминира“ Хамас, кој е на власт во енклавата од 2007 година. Речиси 15.000 луѓе загинале во израелските бомбардирања, според владата на Хамас.

Слични содржини