Поминаа 27 години од атентатот врз првиот претседател на Македонија Киро Глигоров, и се уште не е утврдено ниту кој го изврши ниту кој сакаше да го убие.
На 3 октомври 1995, автомобил-бомба експлодираше во 9,50 часот на улицата Македонија пред хотелот „Бристол“ во строгиот центар Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди на главата. На место загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден и телохранителот Илчо Теовски. Подоцна од повредите почина пензионерот Ристо Христоманов кој во тој момент минувал таму. Повредени беа и Климе Коробар и Јован Атанасовски кои во моментот се затекнале таму.
Во моментот кога возилото на Глигоров поминувало на улицата, експлодира бел „цитроен ами 8“, во кој биле скриени 20 килограми експлозив активиран со далечински управувач. Пред експлозијата, службеното возило на претседателот го забавило едно „фиќо“. Во 10 часот, шефот на кабинетот на Глигоров Живко Кондев и неговата политичка советничка Снежана Османли и го известиле претседателот на Собранието Стојан Андов за атентатот и за пренесувањето на Глигоров во Градска болница. Истиот ден, во Клиничкиот центар Глигоров го оперираше неврохирургот Јовица Угриновски. Дел од шрапнелот остана во главата на Глигоров. По три месеци на боледување, претседателот првпат се појавуви во јавност на 14 јануари 1996, на годишната средба со шефовите на странските дипломатски мисии во Македонија.
Атентатот се случи еден ден по средбата на Глигоров со српскиот претседател Слободан Милошевиќ во Белград, кога постигнаа договор за мегусебно признавање на двете земји.
Во истрагата беа претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 беа претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата. Имаше и фоторобот на возачот на „ами 8“.
Атентатот над претседателот се случи во мандатот на Љубомир Фрчкоски како министер за внатрешни работи. Неколку месеци од атентатот во 1995, како за можните атентатори разузнавачката служба ја посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, Фрчковски како нарачатели ги посочи бугарската „Мултигруп“, југословенската разузнавачка служба КОС и таканаречената „братиславска врска“, но за тоа не се не се пронајдени докази. Раководството на „Мултигруп“ подоцна го посети Глигоров заради демант на шпекулациите. Во април 2008, медиумите објавија дека организатор на атентатот била албанската организација „Кос“, но истрагата не ја потврди информацијата.
За обидот за атентат врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002 година.
Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1- ви јануари 2012 година.