Мерка притвор од 30 дена на поранешниот припадник на полицијата на Косово, Дејан Пантиќ, кој беше приведен како осомничен дека минатата недела организира вооружени напади врз полицијата и канцелариите на изборните комисии во општините со мнозинско српско население во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата во изјава за медиумите ја потврди портпаролката на Основниот суд, Мирлинда Гаши, која изјави дека судот го прифатил барањето на Основното обвинителство за одредување притвор на Пантиќ, кој се сомничи за кривичните дела „тероризам“ и „загрозување на уставниот поредок на Република Косово“.
Апсењето на Пантиќ во саботата на граничен премин меѓу Косово и Србија беше повод за поставување барикади и блокирање на патиштата во тој дел од Косово, по што уследија и неколку напади со експлозивни средства, шок-бомби и огнено оружје врз припадници на косовската полиција, како и врз патрола на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС.