30 години од партнерството на УСАИД во Северна Македонија

од Destan Jonuzi
249 прегледи

Патувачкиот карван „Инспирирај се за иднината” на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) во Северна Македонија викендов ја посети Битола, каде беа презентирани активности предводени од млади луѓе, ученици, наставници, уметници, претриемачи и други професионалци кои се вклучени во различни програми на УСАИД. Тие јаснo ги манифестираа резултатите од долгогодишнитa работа, а со цел да се создаде средина во која секој ќе може да го оствари својот целосен потенцијал.

Од УСАИД наведуваат дека земјоделството е исклучително важно за овој регион, и во таа смисла тие го поддржуваат овој сектор на разни начини. Во 2013 година, УСАИД започна да ги поттикнува земјоделците од Пелагонија да ги зголемат приносите на пченка преку употреба на нова технологија и семиња со висок принос. Во 2014 година, УСАИД помогна во иницирањето на локални акциски групи, како што е Агро Лидер, кои станаа едни од главните двигатели на неодамнешниот земјоделски раст и напредок во регионот, поконкретно во секторот на производство на млеко и млечни производи. Во партнерството со Агро Лидер, фармерите ги подобрија условите на своите фарми и, како резултат на тоа, беа забележани 10 отсто повисоки приноси на млеко и зголемување на приходите за 25 отсто, наведуваат.

-УСАИД во моментов работи во овој регион на промовирање на добро владеење, и тој е веќе партнер со општините Битола, Могила, Новаци и Прилеп за да им овозможи потранспарентно да ги мобилизираат и да управуваат со своите финансиски ресурси за да можат да го подобрат животот на своите граѓани преку обезбедување квалитетни услуги. Во оваа активност наскоро ќе земат учество и останатите општини, истакна во неговото обраќање Ерик Мејер, вршителот на должност Амбасадор на САД.

Публиката на настанот во Битола можеше да го проследи мотивацискиот говор на Фатма Бајрам Аземовска која го основа СУМНАЛ, здружение за развој на ромската заедница, потоа авангардните креации на средношколците од „Таки Даскало“ од Битола, направени од рециклирани материјали под менторство на младата и истакната дизајнерка Ирина Тошева, а изложени од средношколците од гимназијата „Јосип Броз Тито“. Беше организрана и изложба на фотографии, а настап имаше студентскиот џез-бенд при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Кампањата за одбележување на 30-годишнината од партнерство во земјава УСАИД ја започна пред точно еден месец, а Охрид беше првиот од осумте градови кои ги посети патувачкиот карван „Инспирирај се за иднината”. По него следуваа Штип, Тетово, Кавадарци, а во наредните недели караванот продолжува во Струмица, Куманово и Скопје. Целта е да ги мотивира и да ги поттикне младите да се вклучат и активно да учествуваат во градењето одржлива иднина заедно.

Како дел од одбележувањето на 30-годишнина, УСАИД во соработка со општините, им овозможуваат на истакнати млади уметници заедно со учениците од средните училишта да креираат серија од осум мурали на темата „Партнерство за подобра иднина“, кои ќе бидат нацртани на видливи места во градовите каде што ќе патува карванот.

-Американскиот и македонскиот народ се главниот двигател на партнерството што ќе продолжи и понатаму и чија цел е поддршка на приоритетите на државата, поттикнување на реформите што ѝ помагаат на земјата на нејзиниот пат за членство во ЕУ, промовирање на одговорно лидерство, градење на локално одржлив развој и одржлива иднина. Преку работата на УСАИД, луѓето од селата и градовите може да видат дека нивниот живот се менува на подобро. На тоа патување, многубројни земјоделци, претприемачи, активисти од граѓанското општество, креатори на политики, наставници, жени, млади луѓе и нивните семејства од прва рака ја доживеаја трансформативната енергија на усовршувањето на луѓето преку можности, наведуваат од УСАИД.

УСАИД во изминативе три децении, во соработка со македонскиот народ, постигна многу видливи резлултати и ќе продолжи да го поддржува локалниот потенцијал и сите кои одговорно и посветено придонесуваат за подобра иднина, порачуваат од УСАИД.

Слични содржини