Сѐ повеќе угостители ширум Германија ги зголемуваат цените на своите услуги, а некои од нив воведуваат и дополнителни надоместоци за услуги кои порано беа бесплатни, како на пример за дополнителна вилушка, лажица или сламка. Интернетот е преплавен со мешани реакции: додека некои потрошувачи покажуваат разбирање, други се револтирани од новите трошоци.
По економски тешката 2024 година, многумина очекуваа олеснување. Но, реалноста во 2025 година изгледа уште построга. Во некои кафулиња, гостите веќе мора „да чепкаат подлабоко во џебот“, бидејќи дури и најосновните дополнителни услуги се наплатуваат.
Во слаткарница во покраината Хесен, на пример, клиентите мора да платат 50 центи ако побараат дополнителна лажица или сламка. Според сопствениците, ваквите мерки се воведени со цел да се избегне покачување на основните цени, како што е онаа на сладоледот, која останува иста како минатата година.
„Со ова сакаме да ја задржиме цената на сладоледот стабилна и да го намалиме отпадот“, изјави еден од сопствениците, додавајќи дека клиентите сѐ почесто бараат дополнителен прибор, но не секогаш го користат.
Експертите наведуваат дека високите кирии, растечките цени на енергија, трошоците за персонал и суровини се главните причини за новиот ценовен тренд во угостителскиот сектор. Според официјалната статистика, бројот на луѓе кои јадат надвор се намалил во 2024 година, а продажбата во угостителската индустрија бележи пад во однос на претходната година.
Иако некои потрошувачи се надеваат дека 2026 година ќе донесе подобрување, експертите предупредуваат дека во моментов е невозможно да се предвиди како ќе се движат цените во иднина.