55% од граѓаните сметаат дека ЛГБТИ имаат право на протест

од Берта Китинска
305 прегледи

Меѓународната организација за човекови права, Civil Right Defenders спроведе истражување на јавното мислење, во пресрет на втората „Парада на гордоста“ во Скопје, што покажува дека мнозинството граѓани на Северна Македонија го поддржува правото на ЛГБТИ+ лицата да одржат мирен Марш на гордоста.

-На прашањето дали се согласуваат со тоа дека ЛГБТИ + лицата треба да имаат право мирно да маршираат низ Скопје, 55 проценти од испитаниците одговориле позитивно. Ова претставува подобрување во споредба со резултатите од 2015 година кога 47 отсто од граѓаните дале потврден одговор на ова прашање, се вели во соопштението.

Според податоците, главен фактор што придонесува за ваквите резултати е прашањето дали граѓаните се во комуникација со ЛГБТИ+ лицата, со што 83 проценти од граѓаните кои се во комуникација со ЛГБТИ+ лицата се согласуваат со нивното право да одржат Марш на гордоста.

Во однос на причините зошто се организира „Парада на гордоста“, 43 отсто од испитаниците се согласуваат дека парадата има легитимна цел, односно ЛГБТИ+ лицата да го свртат вниманието на јавноста кон својата ранлива позиција, наспроти мислењето на 40 проценти од испитаниците кои мислат дека се организира за да го испровоцира мнозинството кое не го поддржува нивниот животен стил.

Истражувањата покажуваат дека 70 проценти од помладите испитаници на возраст од 18 до 29 години, кои имаат високо образование и живеат во урбани средини се согласуваат дека ЛГБТИ+ лицата се граѓани како и сите други, во однос на 2015 година кога 54 отсто од испитаниците се согласиле со оваа изјава.

Програмскиот координатор на Civil Rights Defenders за Северна Македонија, Дамјан Здравев, истакна дека ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија, но и поголемиот дел од Западен Балкан, е свесна за предизвиците што претстојат на патот за обезбедување на праведно и рамноправно општество во кое ЛГБТИ+ лицата нема да бидат дискриминирани и исклучени.

Слични содржини