Поранешната данска министерка за имиграција, Ингер Стојберг, позната по своите конзервативни ставови, денеска е осудена на 60 дена затвор.
Таа беше осудена за незаконско раздвојување на малолетни парови кои барале азил.
Стојберг е обвинета дека свесно го прекршила законот затоа што наредила да се разделат сите бегалски парови кои бараат азил, од кои најмалку еден бил малолетник, што е кршење на Европската конвенција за човекови права.
Според данскиот закон и законот за човекови права, паровите мора да се оценуваат поединечно, што подразбира дека наредбата на министерот за разделување на сите малолетни парови била незаконска, пишува Ројтерс.
Разделени се 23 парови, а одлуката за осуда на Стојберг ја донеле 25 од 26 судии.
„Задоволни сме од пресудата. Ова е историски случај“, изјавија обвинителите Џон Лорисен и Ана Биргит Гамељорд на новинарите пред судот.
Пресудата е правосилна и не може да се обжали.