Меѓународниот ден на жената се прославува секоја година на 8-ми март. Тоа е ден за меѓународно признание на економските, политичките и општествените достигнувања на жените.
Првиот Ден на жената е одбележан на 23 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Американската социјалистичка партија.
Празникот е започнат само како политички настан на социјалистите, но постепено станува дел од културата на многу земји. Во некои од нив денот го губи својот политичкаи колорит и станува само повод за мажите да ја изразат својата симпатија и внимание на жените околу нив. Во други земји темата за политичките и човековите права на жените, посебно од ОН, е силно застапена, а на борбата за признавање на овие права на жените во светот се гледа одговорно и со надеж.
Идејата за создавање на меѓународен ден на жената се појавува по турбулентната индустријализација и економска експанзија во почетокот на 20 век, која предизвикува протести за подобрување на условите за работа. Календарскиот датум се поврзува со првата масовна манифестација на жени работнички, одржана на 8-ми март 1857 година во Њујорк. Жените од кројачки и текстилни претпријатија излегуваат на протест против лошите услови за работа и ниските плати. Работничките се нападнати и растерани од полицијата. Две години подоцна, на истиот месец, овие жени го создаваат својот прв работнички синдикат. Меѓутоа, постојат мислења дека овој факт не е потврден, а бил измислен во 1955 година, најверојатно со образложение за празникот да се смета за комунистичка идеологија. Тоа е важно за оние што се борат за правата на жените во Западна Европа и САД во текот на годините на Студената војна.
Во следните години следат други протести, а најпознатиот од нив е во 1908 година, кога жените организираат марш низ Њујорк со барања за пократок работен ден, по подобри плати и право на гласање. На 27 август 1910 година во Копенхаген се одржува првата меѓународна конференција на жените, организирана од социјалистичката интернационала. По предлог на германската социјалистка Клара Цеткин се донесува одлука: Секоја година во една од првите недели на пролетта да се слави денот на работничките и на меѓународната солидарност, со цел да се мобилизираат широките женски работнички маси за борба за рамноправност со мажите во сите јавни сфери на животот.