СКСЗМ бара надлежните институции да преземат мерки и активности за подобрување на безбедносната состојба во земјава

од Берта Китинска
302 прегледи

Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) преку пишано соопштение искажува, како што велат, длабока загриженост за безбедносната состојба во земјата, особено во врска со вооружениот грабеж во Сарај, Скопје, што се случи синоќа, при што ограбеното лице претрпе загуба од два милиона денари.

– Имајќи предвид дека сме во период на глобална пандемија на коронавирусот Ковид-19, нагласуваме дека спокојноста и безбедноста на животот на граѓаните, како и одржувањето на јавниот ред и мир, се еден од најосновните и најважни услови кои треба да бидат загарантирани од страна на државата и државните институции, се вели во соопштението од СКСЗМ.

Од таа причина, се додава, бараме од институциите надлежни за одржување на редот, соодветно и навремено да преземат чекори кон сузбивање на криминалните случаи, како и на вооружените банди кои оперираат во земјата, работа која ќе придонесе за воспоставување на нормален тек на работите, каде граѓаните ќе се чувствуваат и истовремено ќе бидат побезбедни. Од друга страна бизнис заедницата ќе има можност за тековно и редовно водење на бизнис, oсобено сега во време на пандемијата кога сите бизниси се наоѓаат во незавидна ситуација.
– Апелираме до надлежните институции да преземат безбедносни мерки и активности, согласно соодветните оперативни планови за работа, и воедно сакаме да ја искажеме нашата подготвеност да помогнеме во изградба на институционален механизам за превенција и казнување на секаков вид насилство кој го загрозува работењето на нашите членки, порачуваат од СКСЗМ.

Нагласуваат дека во интерес на бизнис заедницата се ангажираат кон зајакнување на соработката со државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина.

– Како клучно прашање во овој период се наметнува и потребата за бизнисите да имаат доверба и да се обратат до државните институции за помош, посочуваат од СКСЗМ.

Слични содржини