Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против српски државјанин за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Обвинетиот како учесник во сообраќајот не се придржувал кон прописите и со тоа предизвикал инцидент во кој животот го загубил скопјанец, кој управувал мотоцикл.
На 18 јуни возачот управувал камион марка „мерцедес бенз/акрос“ со приколка натоварена со четири моторни возила, сопственост на српска фирма.
Тој се движел по крајната лева сообраќајна лента на булеварот Киро Глигоров и пристигнал на крстосницата со улицата Индустриска. Тогаш навлегол свртувајќи лево кон Индустриска без да го почитува првенството на минување на возилата кои доаѓале по булеварот Киро Глигоров, иако бил свесен дека поради таквиот начин на управување може да предизвика штета.
Во тој момент во задниот десен дел од каминот и предниот десен дел од приколката бил удрен од мотоцикл марка „кавасаки“, управуван од скопјанец, кој се движел по крајната десна сообраќајна лента на булеварот Киро Глигоров, од спротивна насока. Од повредите здобиени во несреќата, мотоциклистот починал.
Надлежниот јавен обвинител доставил предлог за определување притвор за обвинетото лице, кое по несреќата привремено било сместено во Центарот за странци.