Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, во свој стил ја коментираше победата на неговиот тим против Јувентус по големиот пресврт, велејќи дека тие би ја освоиле титулата, доколку тој бил во тимот уште од почетокот на сезоната.
Фудбалерите на Милан го совладаа Јувентус во спектакуларен натпревар на „Сан Сиро“ со 4:2 (0:1) во дуел од 31. коло од Серија „А“.
„Старата дама“ имаше предност од два гола и потоа се случи чудо, нереален пресврт на „росонерите“. Го започна Златан Ибрахимовиќ од пенал во 62-та минута, по што го најави трансот на „црвено-црните“.
„Јас сум претседател, играч и тренер. Единствена негативна работа е што имам само плата на фудбалер, и да бев тука од почетокот на сезоната, ќе ја освоивме титулата шампион“, рече Ибрахимовиќ по натпреварот.
За среќа за Јувентус, Лацио загуби и од Лече, додека „росонерите“ стигнаа до петтата позиција, со еден бод повеќе и меч повеќе од Рома и Наполи.