Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија се алфа и омега за мирот, стабилноста и безбедноста во земјава, како и црвените линии што ДУИ нема да ги премине во постизборното коалицирање.
Ова во интервју за МИА го порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој потенцира дека не може да имаат партнерство со некој што има цел или прави обиди за прекршување на овие договори, кои,како што рече, ги релаксирале меѓуетничките односи во земјата.
– Значи, секој што се обидува да ги прекрши овие договори на кој било начин, не може да биде партнер со нас, затоа ние сме многу отворени и искрени и го направивме предупредувањето навремено, порача лидерот на ДУИ, кој во интервјуто за МИА се осврна и на мотото под кое неговата партија настапува на овие парламентарни избори – прв премиер Албанец.
Зошто со оваа идеја, која предизвика полемики во јавноста, Ахмети вели дека таа е природен континуитет на политиките што ги воделе, односно поставување Албанци на високи позиции од директори, министри, претседател на Собрание…
Вели и на претседателските избори излегле со свои предлози за шеф на државата, но тогаш процениле дека Пендаровски ќе биде поприфатлив кандидат и целосно се ангажирале тој да ја добие поддршката.
– Ние направивме чекор и сега е време кога треба да ни возвратат со исто. Овие чекори сме ги презеле во оваа насока со најдобра намера, да им упатиме порака на граѓаните и на сите луѓе дека земјата напредува само кога сме во комуникација и соработка едни со други, а не кога сме поделени, вели Ахмети за МИА.
Смета дека идејата за прв премиер Албанец е добра порака и за регионот и за меѓународната заедница – дека интересите на оваа држава заедно со Македонците ги штитат и Албанците, како два најголеми етникума.
– Ова е придобивката на сите и на државата, но ние не се разочаруваме од овие изјави или изјаснувања, но ги сигнализираме да бидат внимателни затоа што ваквите изјави се опасни, независно од тоа дали тие навистина мислат така. Некој може да рече дека е кампања, но јас не можам да ги проголтам толку лесно, затоа што ме изненадуваат дури и овие нашите, дека ова ДУИ наводно го користи за да го подобри имиџот, ДУИ нема зошто да го подобри имиџот, нема зошто да ја збогатува нејзината историја, бидејќи доколку има политичка партија со долготрајност на овие простори независно од тоа што е создадена на почетокот на 21 век тоа е ДУИ, вели Ахмети во интервјуто за МИА.