Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упати јавен повик за учество во сообраќајно-едукативната акција „Летна школа за млади мотоциклисти“.
Со цел унапредување на сообраќајната едукација кај младите мотоциклисти и нивно поттикнување за полагање за возачка дозвола од АМ категорија, РСБСП ја организира оваа акција која се состои од два дела: онлајн теоретска настава и полагање на тест за познавање на сообраќајните правила и прописи.
Лицата кои ќе го поминат првиот дел (теоретската настава), продолжуваат на електронско тестирање за познавање на сообраќајните правила и прописи. Најдобрите 5 кандидати од тестирањето ќе добијат ваучер за полагање за АМ категорија, а најдобрите 15 ( вклучително и првите 5 кои добиле ваучер за полагање) ќе добијат ваучер за бесплатна обука во автошкола за АМ категорија.
Право на учество имаат сите заинтересирани лица на возраст од 16 до 18 години кои не поседуваат возачка дозвола од АМ категорија.
Рокот за поднесување на апликацијата е до 05.08.2020 година. Пријавата се поднесува на следната е-маил адреса: [email protected] и истата може да ја најдете на веб страницата на РСБСП www.rsbsp.org.mk.
Учесниците кои ќе се пријават за учество во наведената акција ќе добијат и соодветни материјали за учење. Пријавените кандидати ќе добијат дополнителни информации за начинот и времето за следење на онлајн наставата и на тестирањето.
Ваучерите се со времетраење од една година итреба да се искористат до 31 август 2021 година.
Сите прашања поврзани со едукативно превентивната акција „Летна школа за млади мотоциклисти“ заинтересираните лица може да ги достават на следнава e-mail адреса: [email protected]