Како што рече денеска градоначалничката Теута Арифи, Општината е заинтересирана да го зголеми капацитет во овој сегмент, но оваа година нема финансиска можност.

-Го функционализиравме и го реактивиравме процесот на тендерирање за институцијата која го води тоа да биде сигурна дека ќе има исплата и можност за работа. Нормално е дека капацитетот на тој центар за градот Тетово е доволен, но ако има други тенденции за интервенции и во другите помали општини, тие капацитети ќе бидат лимитирани. Ние сме заинтересирани да го зголемиме како капацитет но во текот на оваа година нема да сме во финансиска можност да го зголемиме. Но, со другите општини кои во целиот полошки плански регион го имаат истиот проблем, се договоривме регионално ако може да пристапиме за да добиеме некоја меѓународна донација за поголем регеионален центар за третирање на кучиња скитници затоа што тоа е проблем на целиот регион и како таков сакаме да го адресираме, изјави Арифи.

Од мај 2019 година досега се објавени три тендери за згрижување и третирање на кучињата скитници во општината. По добивање на последниот трет тендер, ветеринарната ординација која ги спроведува активностите, сега втора недела работи на терен.

-Првите два тендера беа по 600 илјади денари, а сега третиот е еден милион денари. Ова е долгорочен процес, но сега има и повеќе средства па ќе има и повеќе резултати, рече Рами Селмани, ветеринар од ординацијата што го има тендерот за постапување со бездомни кучиња.

Тетовската полиција вчера во 11 часот регистрира најнова пријава за напад од бездомно куче. Жителка на Брвеница (41) пријавила дека била касната од куче скитник во Брвеница, најблиското село на јужната страна од Тетово.