Ангеловска-Бежоска: Девизните дознаки од иселениците важни за македонската економија

од Берта Китинска
240 прегледи

Девизните дознаки од иселениците и лицата на привремена работа во странство се важни за македонската економија, оценува гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во интервјуа за австралиското радио СБС и за е-магазинот „Анторис“.

– Покрај тоа што дознаките се значаен дополнителен извор на приходи за дел од домаќинствата, коишто го подобруваат нивниот животен стандард, тие имаат и пошироко макроекономско значење, зголемувајќи го девизниот потенцијал на економијата. Дознаките се битен извор на средства во тековната сметка на платниот биланс и придонесуваат за одржување низок дефицит на тековната сметка, вели Ангеловска-Бежоска.

Во интервјуата, гувернерката се осврнува на износот на дознаките во текот на изминатите години, нагласувајќи дека е тешко да се посочи на прецизен износ, поради поголемата застапеност на дознаки во готовина.

– Според нашите проценки што се прават според методологија усогласена со ММФ, износот на овие дознаки, од 2009 година наваму, надминува една милијарда евра годишно, односно изнесува околу 16 проценти од БДП, во просек, посочува Ангеловска-Бежоска.

Во однос на очекувањата за оваа година, гувернерката напоменува дека со оглед нa специфичноста на глобалниот шок предизвикан од пандемијата на ковид-19, еден од каналите преку којшто може да се очекува пренесување на кризата во домашната економија се токму дознаките. Според проекциите на Народната банка, се очекува дека годинава е можно намалување на дознаките, што е во согласност и со очекувањата и проценките на Светската банка за намалување на приватните трансфери на глобално ниво.

Осврнувајќи се на каналите преку кои иселениците и лицата на привремена работа во странство можат да ги дозначуваат парите кон земјава, Ангеловска-Бежоска вели дека со осовременувањето на домашната регулатива од доменот на платежните услуги и нејзиното усогласување со европските директиви, би требало да се појават нови посовремени облици за извршување на платежните трансакции.

– За таа цел, се работи на финализирање на новиот Закон за платежни услуги и платни системи којшто ќе понуди стимулативна регулаторна рамка за појава на нови даватели на платежни услуги, вклучително и во овој дел. Поточно, очекувањата се дека повеќе ќе се користат електронските начини за трансфер на средства, најчесто во форма на платежни апликации коишто би ги нуделе платежни институции и коишто би можеле да имаат и можност за поврзување со сметките во банките на плаќачите и примачите на средствата и кога се наоѓаат на различни континенти. Впрочем, вакви платежни институции веќе постојат во поразвиените земји од Европа, истакнува гувернерката.

Слични содржини