Денеска се навршуваат 19 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
На денешен ден е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Преговорите почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде што завршија со парафирање на документот на 10 август. Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.
Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.
Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како дел од Владата.
„Ќе има целосен прекин на непријателствата“
Во договорот се предвиде дека целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели и дека само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија.
„Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи“, се потпиша во Договорот како основа за прекин на вооружените насилства.
Принципи и содржина
Во договорот, како основни принципи се нагласија и суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата и дека не постојат територијални решенија за етничките прашања.
„Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Една современа демократска држава, во природниот тек на својот развој и созревање, мора постојано да обезбеди нејзиниот Устав целосно да ги исполнува потребите на сите нејзини граѓани во согласност со највисоките меѓународни стандарди, коишто и самите постојано се развиваат. Развојот на локалната самоуправа е од суштествено значење за поттикнување на учеството на граѓаните во демократскиот живот“, се наведува во Охридскиот рамковен договор.
„Страните го истакнуваат значењето на заложбите од 5 јули 2001 година. Ќе има целосен прекин на непријателствата, целосно доброволно разоружување на етничките албански вооружени групи, и нивно целосно доброволно распуштање. Тие го прифаќаат фактот дека за донесување Одлука од страна на НАТО да помогне во овој контекст, ќе биде потребно воспоставување општ, безусловен и неограничен прекин на огнот, согласност за политичко решение за проблемите на оваа земја, јасна заложба на вооружените групи доброволно да се разоружаат, и прифаќање од сите договорни страни на условите и ограничувањата во рамките на кои ќе делуваат силите на НАТО“, се вели во точка 2 од Рамковниот договор.
Понатаму, Охридскиот договор потенцира дека развојот на локалната самоуправа е од најголемо значење за почитување на идентитетот на заедниците. Со Рамковниот договор се предвидува да се ревидира Законот за локална самоуправа со кој ќе се зајакнат овластувањата на избраните локални претставници и значително ќе се зголемат нивните надлежности во согласност со Уставот и Европската повелба за локална самоуправа.
Договорот предвидува целосно почитување на принципот на недискриминација и рамноправен правичен третман на сите лица пред законот. Овој принцип особено ќе се применува во однос на вработувањата во јавната администрација и јавните претпријатија. Во Уставниот суд, една третина од судиите ќе се избираат од страна на Собранието, со мнозинство од вкупниот број на пратеници, припадници на заедниците. Истата постапка важи и за изборот на Народниот правобранител и на тројцата членови на Судскиот совет.
Уставните амандмани и Законот за локална самоуправа нема да можат да се усвојат без квалификувано двотретинско мнозинство, при што ќе мора да има мнозинство од гласовите на пратениците што припаѓаат на заедниците. Истиот принцип важи и за донесување на закони што директно ги засегаат културата, употребата на јазикот, образованието, личните документи и употребата на симболи, како и законите за локално финансирање, локални избори, градот Скопје и за општинските граници.
Во однос на основното и средното образование, наставата ќе се изведува на мајчините јазици на учениците. Финансирање од страна на државата ќе се обезбеди за високо образование на јазиците на кои што зборуваат најмалку 20% од населението во Македонија. Низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик. Кој било друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од населението, исто така е службен.
Во однос на симболите, Охридскиот договор предвидува непосредно до симболот на Македонија, локалните власти да може на предната страна од локалните јавни објекти да постават симболи со кои се обележува индентитетот на заедницата која е мнозинство.
Договорот е составен од три анекси:
анекс А за уставни амандмани,
анекс Б за измени во законодавството и
анекс Ц за имплементација и мерки за градење на доверба.
Во анексот А стои дека сегашната Преамбула на Уставот на РМ се заменува со јазик заснован врз концептите на индивидуални права и граѓанско општество:
“Граѓаните на Република Македонија, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање на самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувувањето и развојот на се што е вредно од богатото културно наследство и соживотот во Македонија…”
Анексот Б предвидува измени во законодавството. Предвидено е донесување на повеќе закони меѓу кои и законот за локална самоуправа, законот за локално финансирање, за територијална поделба, за изборни единици, потоа нов деловник на Собранието, закони што се однесуваат на употребата на јазиците и други.
Анексот Ц се однесува на имплементацијата на Договорот и мерките за градење на доверба. Овде се регулирани прашањата за пописот, изборите, враќањето на бегалците и улогата на меѓународната заедница.