Девизниот курс на доларот на светските девизни пазари падна минатата недела во однос на најважните светски валути, за осми пат по ред, што е најдолг период на негов пад во последната деценија, а последица е на многу полоши перспективи за американската економија во однос на другите големи економии.
Индексот на доларот DXY, што покажува движење на американската валута во однос на другите шест најважни светски валути, ослабна за 0,3 проценти минатата недела, на 93.112 поени, пренесува „Seebiz“.
Тојбележи пад осма недела по ред, најдолг период на пад на американската валута од јуни 2010 година, бидејќи инвеститорите продолжуваат да го повлекуваат капиталот од доларот и да купуваат валути на оние економии кои во моментот се справуваат подобро со ковид-кризата од САД.
Тој индекс потона во март од највисоко ниво за три години за дури 9 проценти, а само во јули беа загубени четири проценти.
„Факт е дека вирусот во Соединетите држави претставува најлошата епидемија на секоја споредлива економија, поради недостаток на управување со кризата од страна на американските власти. Избувнувањето создаде многу полош изглед за американската економија отколку другите големи економии“, вели Ранко Берих, шеф на аналитичарите во „Монекс Европа“.
Одложувањето на договорот за новиот пакет фискални стимулации за американската економија, вреден меѓу 1.000 и 1.500 милијарди долари, им штети на изгледите на доларот, посочуваат аналитичарите. Надежите за договор згаснуваат затоа што нема нови преговори на распоред меѓу Белата куќа и демократите во Конгресот.
„На доларот му требаат позитивни вести за стимуланси за зајакнување, но сигурен сум дека ќе стигнеме таму затоа што овие политичари не можат да одат пред своите гласачи со празни раце. Штом тоа се случи, добивката на доларот во однос на јенот може да биде катализатор за зајакнување на доларот и кон други валути“, вели Масафуми Јамамото, стратег за валути во „Мизухо секјуритис“.
Доларот се засили во однос на јенот минатата недела за 0,65 проценти, на 106,59 јени, што е најголем неделен раст за два месеци.
Во исто време, еврото се зголеми за 0,48 проценти во однос на доларот, завршувајќи ја неделава на 1.184 американски долари, забележувајќи добивки во однос на американската валута осма недела по ред.