Градоначалникот Петре Шилегов истакнал дека градот Скопје ги презел сите надлежности и мерки за дивоградбата во Мавровка, но, сега останува на општина Чаир да го урне објектот.
„Ние ги направивме сите чекори. Сега останува на Општина Чаир да изнајде начин, модалитет, за рушење на дивоградбата во центарот на градот. Единственото решение би било градежните инспекторати од општините да се префрлат на градот. Тоа ќе го оневозможи градежното дивеење во Скопје. Зошто да не, на крајот на денот и Државниот градежен инспекторат да преземе одредени активности и ингеренции со кои би се отстранил објектот“, изјавил Шилегов.
Општина Чаир денес објави трет тендер за избор на фирма за отстранување на нелегално изградени објекти на територијата на општината. Откако на првите два тендери не се јави ниту една фирма сега општинарите ја зголемија проценетата вредност за договорот од еден на два милиони денари.
„Се надеваме дека на овој трет тендер ќе јават заинтересирани фирми. Ја зголемивме цената за да привлечеме повеќе понуди“, велат од општината.