Според новите правила кои ги донесе Министерството за здравство на Србија, македонските државјани кои транзитираат низ територијата на Србија од денеска не е потребно да приложуваат негативен ПЦР-тест при влез во оваа земја.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во согласност со Упатството на Министерството за здравство на Република Србија, објавено во Службениот гласник, прецизирано е дека влез во Србија за македонски државјани е дозволен доколку се поседува негативен ПцР-тест за присуство на коронавирус, не постар од 48 часа од датумот на издавање, издаден од референтната лабораторија на земјата од каде влегуваат во Србија.
Доколку само се транзитира низ територијата на Србија, македонските државјани не е потребно да приложуваат негативен ПЦР-тест, со тоа што периодот на транзитирање е ограничен на 12 часа од моментот на преминување на границата.
Покрај тоа, прописите не се однесуваат на странски државјани кои биле во транзит низ четирите држави во регионот (исто така не подолго од 12 часа), на екипажите на авионите, на акредитираните членови на персоналот на странските дипломатски и конзуларни претставништва или канцеларии на меѓународни организации и членовите на нивните семејства кои се носители на посебни документи за идентификација.
Дополнителни потврди нема да бидат потребни и за деца под 12-годишна возраст, доколку родителот, старателот или друго лице кое го придружува има негативен РТ-ПЦР тест, за странските државјани на кои им е одобрен привремен престој или постојан престој во Србија, како и за членовите на странските воени, полициски и други безбедносни служби што се во транзит низ територијата на Србија или кои се во оваа земја поради вршење службени задачи, со претходно известување.
Условот за влез во Србија не се однесува на странски државјани при вршење меѓународен превоз, за преземање или растовар на стока или за превоз на лица, кога станува збор за екипажи на камиони, автобуси, возови или товарни бродови. Влегувањето во Србија автоматски се дозволува на граѓани од соседните земји од пограничните подрачје кои вршат земјоделска работа и имаат земјоделско земјиште во Србија, но се должни да имаат доказ за сопственост на земјоделското земјиште или изјава на сопственикот на земјиштето дека лицето врши земјоделски работи, под услов на реципроцитет.
Ова важи за странските државјани кои се жители на пограничните подрачја и кои се вработени во Србија, а на кои работодавците им имаат издадено документ за работен ангажман, исто така под услов на реципроцитет.
Во Уредбата објавена во Службен весник, а која се применува од денес, се наведува дека Северна Македонија, Бугарија, Романија и Хрватска се сметаат за ризични земји.
Информација со новите детали за новите правила на влез и излез на македонските државјани во Србија објави и Македонската амбасада во Белград на својата Фејсбук-страница.