Лукашенко ги обвини САД дека ги предводат протестите во Белорусија

од Vladimir Zorba
236 прегледи

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко изјави денеска дека ќе го „реши проблемот“ со протестното движење што ја потресе земјата од спорните претседателски избори што се одржаа на 9 август, обвинувајќи ги Соединетите Американски држави дека ги „водат“ протестите.

За време на посетата на работниците од фабриката јужно од Минск, Лукашенко рече дека протестите не треба да ги загрижуваат.

„Тоа е мојот проблем што треба да го решам и ние ќе го решиме. Верувај те ми, тоа ќе биде решено во наредните денови“, рече Лукашенко, кој тогаш алудираше дека демонстрантите биле платени.

„Вие сте работници и знаете дека работата заработува пари. Понекогаш заработувате пари на улица и тоа нема да трае долго“, додаде тој.

Лукашенко, кој е на власт цели 26 години, ги обвини САД дека организираат протести со цел да ја изолираат Русија.

„Тие (Соединетите држави) сакаат да формираат кордон со трите балтички земји, со нас и Украина, за да ја изолираат Русија“, рече тој.

„САД го планираат и водат сето тоа, а Европејците ја играат играта. Веќе е формиран посебен центар во Варшава“, додаде претседателот на Белорусија.

Лукашенко, кој тврди дека на изборите освоил околу 80 проценти од гласовите, сега се соочува со протести и одбива да води дијалог со опозицијата, која смета дека изборите се измама и протестираат секој ден.

Слични содржини