Здруженијата за заштита на животни бараат итна смена на в.д. директорката на ЈП Лајка

од Aleksandar Petrovski
245 прегледи
В.д. директорката и Град Скопје за овие година и пол не стерилизираа/кастрираа ниедно куче. Ваквата состојба е резултат на целосното исклучување на активистите од сите процеси поврзани со третманот на бездомните животни во Град Скопје, бидејќи долгогодишните активисти за заштита на животни се единствените кои ги имаат потребното искуство и експертиза да го решат трајно и хумано ова прашање.
В.д. директорката е неподобна за функцијата на која е наместена не само зашто не работи за доброто на бездомните животни, туку и зашто згора на тоа си ја злоупотребува службената должност така што неосновано прогонува активисти, почнува процеси против нив и нивните соработници – ветеринари/пансиони, поднесува кривични пријави, им ја опструира работата и им се заканува со тужби. Веќе се акумулира обемен корпус на докази кои наскоро ќе бидат изнесени во јавност и ќе се процесираат преку институциите.
Поради сето горенаведено, сите скопски здруженија едногласно бараат смена на в.д. директорката и поставување на долгогодишен активист-волонтер на функцијата директор на ЈП Лајка за конечно да се реши прашањето со бездомните животни на хуман начин.
Во повеќе наврати се поднесени барања до Град Скопје за дисперзиран третман на бездомните животни, но Град Скопје не сака да послуша наука и аргументи. Секоја година барам во буџетот на Град Скопје да се вметне ставка субвенционирање на стерилизација/кастрација на вдомени бездомни животни за кај граѓаните да се поттикне културата на хумана контрола на бездомните животни, но секој таков предлог ми е без никакво образложение отфрлан од владејачкото мнозинство.
Скопските активисти за заштита на животни целосно волонтерски му ја работат работата на Град Скопје и доколку располагаат со доволно донации, на месечно ниво имаат капацитет да стерилизираат/кастрираат над 300 кучиња, над 200 мачки, како што беше случајот изминативе неколку месеци. Само во моментов скопските активисти имаат згрижено над 500 бездомни животни, а секој месец вдомуваат стотици. Во тек е изработка на регистар со цел да се следат поефективно животните кои се истретирани и да се имаат егзактни податоци.
Бројот на бездомните животни во Скопје НЕМА да се стави под контрола сѐ додека долгогодишни активисти-волонтери не почнат да управуваат со стационарот. Бараме поддршка од јавноста, од љубителите на животни кои долги години ја следат нашата работа и кои добро нѐ познаваат и нас и нашите искрени намери и цели. Доста со судбините на живи суштества управуваа свирепи неспособници!, се вели во соопштението на здружението за заштита на животни.