Арбер Адеми се прости од функцијата министер за образование и наука и порача дека е задоволен од постигнатото за време на над двегодишниот мандат.
„Образованието треба да се третира како еден од основните столбови на општествено – економскиот и националниот просперитет. Затоа што едноставно нашата земја нема уште еден позначаен ресурс за севкупниот напредок, отколку знаењето на граѓаните во кое мора да се инвестира постојано.
На овие мисли се засноваше целиот мој личен ангажман како министер за образование и наука. Тоа е идеологија насочена кон постигнување на единствена цел – градење на образовен систем за интегрирање на европските образовни вредности и принципи.
Од денешна перспектива, задоволен сум од постигнатиот за време на двегодишниот мандат во Министерството за образование и наука. Ако треба да издвојам неколку поважни работи, тоа е инвестиција во образовна инфраструктура, во изградба на нови и реконструкција на постојни училишта, спортски сали, студентски домови, но и други објекти, за кои издвоивме 35 милиони евра.Направивме силни напори да го вратиме достоинството на професијата наставник. Во оваа насока, постигнато е историско зголемување на платите на вработените во училиштата за 21,3%, а ние подготвивме закон со кој се обезбедува кариера и професионален развој. Платите на професорите на високообразовните институции се зголемија за 5%, додека научниците од јавните институти добија поголем приход за над 30%. Проширени се и мерките за млади со нови, вклучително и дистрибуција на платежни картички, ваучери, ваучери за ИТ обуки, доделување средства за набавка на музички инструменти, за училишни материјали …
Сакам да истакнам дека моето искуство и експертиза во областа остануваат достапни за државата и граѓаните. Јас сум тука да ви помогнам со силна волја, секогаш кога тоа ќе биде побарано од мене.
Да сме сите живи и здрави и со среќа на новото раководство во МОН! И посакувам на министерката Мила Царовска што е можно повеќе успеси и убави моменти во работата!“, напиша Адеми.