Процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово повторно се вплеткува на истите проблеми на недоверба, меѓусебни обвинувања и контрадикторни изјави, пренесува денес „Дојче веле“.
Преземајќи ја должноста специјален претставник за дијалогот меѓу Белград и Приштина и другите отворени прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак минатата пролет рече дека финализирањето на преговорите е „прашање на месеци, а не на години“.
Таквиот оптимизам, но пред сè значајна кариера на овој искусен словачки дипломат, всади надеж не само во нов почеток, туку и во поинаква динамика на дијалогот, кој, по скоро десет години преговори под покровителство на ЕУ, наидуваше на ќорсокак.
Како што потсетува „Дојче веле“, дијалогот меѓу Белград и Приштина беше рестартиран со средбата на лидерите на Србија и Косово кон средината на јули оваа година, а за краток временски период следеа три рунди експертски разговори во Брисел. Меѓутоа, третата рунда разговори на експертско ниво покажа дека дијалогот продолжил да страда од истите проблеми.
Меѓусебните обвинувања и контрадикторните изјави на двете страни продолжија, а ЕУ, како главен посредник, останува и сè уште нема индикации за точната состојба на работите во разговорите.
Единствено за што шефовите на делегациите на Белград, Марко Ѓуриќ и Приштина, Скендер Хисени се согласија по вчерашната средба во Брисел, е дека „разговорите беа тешки“ и дека „другата страна не е конструктивна“, се вели во анализата на „Дојче веле“.
Приштинската делегација проценува дека Белград го одолговлекува процесот со навлегување во технички детали. Белград реагира дека овие детали се „од животно значење за луѓето кои живеат на Косово и Метохија“.
Косовската страна инсистира на тоа дека обновениот дијалог нема да се врати на „веќе договореното“ или да се спушти на „техничко ниво“, туку дека главната цел е да се постигне меѓусебно признавање. За Србија, самото споменување на меѓусебното признавање е „поткопување на дијалогот“ и приштинска „измама на јавноста“.
Дипломатските кругови во Брисел наведуваат дека во процесот на разговори потребно е да им се даде можност на двете страни да „комуницираат со својата публика“ на соодветен начин за текот и резултатите од разговорите. Покрај тоа, велат тие, преговорите не можат да бидат целосно „отворени за јавноста“.
Треба да се има предвид дека и поранешната шефица за дипломатија на ЕУ, Федерика Могерини ги следеше истите принципи во нејзиниот петгодишен мандат како главен посредник во дијалогот, што на крајот резултираше со фијаско и блокада на целиот процес.
Иако Лајчак ја најави оваа рунда експертски разговори како „финализација на започнатите теми“, прашањето за исчезнатите и раселените најверојатно ќе се врати на маса на 7 септември, за кога е закажана нова средба на лидерите на Србија и Косово и ќе бидат отворени нови теми.
Делегациите доаѓаат на таа средба во Брисел директно од Вашингтон, каде за 4 септември е закажана средба во Белата куќа со американски посредници, се додава во анализата.