Граѓанската иницијатива за заштита на животната средина „Охрид SOS“ преку социјалните мрежи укажува на нелегални активности во крајбрежјето на Охридското Езеро, со објавени снимки на кои се гледа како механизација врши ископ на песок од литоралот на езерото.
Според „Охрид SOS“, станува збор за механизација на Нефи Усеини, за потребите на неговата нелегално изградена бетонска база на излезот од Охрид, лоцирана во непосредна близина на самото езеро.
-Локацијата каде се копа е во права линија со базата. Нашиот сограѓанин кој го сподели видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, за подобро да види што се случува, но добил вербални закани, тврдат од еколошкото движење „Охрид SOS“.
-Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината, стои во статусот на „Охрид SOS“.
Истовремено, активистите на движењето бараат уште денеска брза и одлучна акција и запирање на дивото копање езерски песок од крајбрежјето, како и казни за физичките или правните лица кои ги изведуваат градежните активности.