Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, наброи 15 барања, за кои вели дека тоа се барања од народот до старо-новиот премиер.
„Зоран Заев не може да решава проблеми, затоа што тој е изворот на истите. Оваа влада е онаа истата стара влада која создава економско цунами, неправди, трас-трас одлуки, најкорумпирана земја во Европа, хибриден режим“,вели Јанушев.
Тој вели дека наместо Заев да дава мандатни писма, народот на Заев му дава мандатно писмо во кое се бара:
Да ги врати назад на работа 40 илјади кои изгубија работни места во ковид-кризата поради лошите и ненавремени економски мерки;
Да им помогне на лозарите кои во ек на бербата на грозјето не знаат дали воопшто и по која цена ќе биде откупено нивното грозје;
Да се врати старата цена на струјата, затоа што има скапа струја, а сиромашен народ;
Да се намали цената на бензините преку укинување на зголемената акциза;
Да се обесштетат стопроцентно измамените штедачи од Еуростандард банката и да се открие кои компании од Струмица се примачи на кредитите без покритие:
Одговорност за министерката на Заев, Нина Ангеловска, која за разлика од илјадниците други граѓани на време си ги извади парите од Еуростандард банка;
Апсолутна правда за сите, да се тргнат рацете од судството и обвинителството;
Веднаш да се реши проблемот со децата во градинките кои поради ковид-кризата се изложени под ризик и за кои нема соодветни адекватни просторни услови за згрижување;
Да го видиме планот за колапсот кој се случува во образованието. Македонија е една од ретките држави каде доцни стартот на учебната година, и кризата која трае од март ги изненади владините институции кои за жал се уште немаат никаков план;
Филипче да замине од Министерството за здравство затоа што неговата неспособност ја плаќа народот со своето здравје и живот;
Заев да престане да раздава стотици илјади денари државни плати, бидејќи народот нема за леб;
Заев да престане да троши милиони евра за набавка на скапи и луксузни автомобили, бадеми и лешници затоа што сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно;
Да ги разјасни десетиците нерасчистени убиства, палење на домови и автомобили;
Да престане да дели криминални тендери во еден хотел во Источна Македонија;
Конечно да се удри мафијата која денес е едно исто со власта, почнувајќи од Заев па се до постапки за Ден Дончев и „Диамед“, за Рашкоски и Леонардо, за функционерите со кокаин, за градоначалникот шверцер на цигари и сите останати, а не се малку;
„Заев ова мандатно писмо мора итно и неодложно да го спроведете до крај, во спротивно народот го бара мандатот назад. И само да ве потсетам дека ќе има одговорност за неспособноста и криминалот“, вели Јанушев.