Хоџа се сретна со албанскиот амбасадор Фатос Река: Успешна соработка меѓу двете земји во областа на земјоделството

од Aleksandar Petrovski
128 прегледи

Успешната соработка меѓу двете земји во областа на земјоделството и взаемниот интерес за нејзино понатамошно унапредување, беше тема на разговор на денешната прва средба во Скопје меѓу министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и албанскиот амбасадор во земјава Фатос Река.

Министерот Хоџа, информираат од неговиот кабинет, истакна дека потпишувањето на усогласената спогодба за фитосанитарна политика меѓу двете министерства, е многу важен чекор за олеснување на трговијата со земјоделско-прехранбени производи со почитување на законските одредби и фитосанитарните процедури на двете земји. Тој предложи да се реализира билатерална средба со неговиот албански колега во блиска иднина, во рамки на која ќе биде потпишана спогодбата.

На средбата беше разговарано за можноста за заеднички настап на македонските и албански компании од земјоделскиот сектор на европскиот пазар, а беше дадена поддршка за нови иницијативи и заеднички проекти во процесот на прилагодување кон ЕУ.

Амбасадорот Река потенцираше дека Албанија во последните години посветува големо внимание на агротуризмот, како нова гранка за која постои голем интерес и кое може да биде пренесено и во нашата земја, стои во соопштението.