Курц загрижен за зголемувањето на бројот на заразени, очекува 1.000 нови случаи на ден

од Vladimir Zorba
153 прегледи

Австрискиот канцелар Себастијан Курц ги предупреди граѓаните на драматичната состојба во врска со епидемиолошката состојба и проценува дека земјата наскоро ќе се соочи со 1.000 новоинфицирани лица на ден.

– Она со што се соочуваме е почетокот на вториот бран. Бројот на новоинфицирани расте од ден на ден – посочи тој во писмената изјава за агенцијата АПА.

Тој им порача на населението да се придржува до сите мерки.

– Пред две недели, имавме околу 350 новозаразени на ден, а вчера дури и повеќе од 850. Особено драматичен е развојот во Виена, каде што имаме околу 50 проценти од сите нови пациенти во Австрија. Наскоро ќе ја надминеме бројката од 1.000 новоинфицирани лица на ден – нагласи тој.

Курц побара од граѓаните да ги намалат социјалните контакти, да носат маски и да ја држат дистанцата на сите места.

И покрај влошувањето на епидемиолошката состојба, канцеларот останува на својата изјава од крајот на август дека „на крајот од тунелот се гледа светло“ и дека следното лето повторно ќе биде нормално.

– Сепак, есента и зимата ќе бидат тешки за сите нас. Затоа сега сите мора да ги надминеме следните месеци заедно со истата дисциплина како во минатото – рече Курц.

Слични содржини