Нов стандард во креирањето на политиките во Град Скопје

од Aleksandar Petrovski
136 прегледи

Нов стандард во креирањето на политиките во Град Скопје преку артикулирање решенија за актуелните проблеми на урбаното секојдневие, е целта на иницијативата што ќе ја презенитраат денеска активисти од Граѓанскиот буџетски форум. Граѓанскиот буџетски форум претставува механизам за непосредна демократија, преку кој жители на Скопје и активисти со познавања на локалните прашања ќе бидат директно консултирани за тоа како е неопходно да се развива нашиот главен град во следната година.

Целта на иницијативата е да прерасне во општа практика на автентична директна демократија, како форма на ефективно вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики кои се реализираат преку буџетот на Град Скопје. На прес-конференција пред Град Скопје ќе биде објаснет форматот на форумот, ќе бидат објавени пријавените учесници од граѓанскиот сектор и ќе бидат соопштени темите кои се на агендата за демократска дебата и гласање.

На Форумот насловен „Моја заедница. Моја визија.“ што го организира Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. во соработка со Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје, свои предлози ќе образложат На точак, Горјан Јовановски (Мој воздух), Една може, Полио плус, Биди зелен, Мама органа, Анима мунди, Меѓаши, Ромалитико, Е.Д.Е.Н., а како гости и учесници во дискусијата ќе се појават долгогодишни активисти и општествено ангажирани граѓани. Настанот се одржува во рамки на истоимениот проект кој Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. го спроведува со финансиска поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел.