Почина писателот и хроничар Данило Коцевски

од Vladimir Zorba
426 прегледи

По кратко боледување почина писателот и хроничар на Скопје, Данило Коцевски. Погребот се одржа денеска на Градските гробишта Бутел во присуство на семејството.

Данило Коцевски е роден во 1947 година во Куманово. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Како стипендист на француската влада престојувал во Франција (1981-1982). На Интердисциплинарните студии по новинарсто на скопскиот универзитет ги држел вежбите по теорија и практика на новинарството. Еден е од иницијаторите за основање на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски, на почетокот на осумдесетите години. Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1973 година. Со група еминентни македонски писатели основач е на здружението на Независните писатели на Македонија, во текот на 1993-1994 година.

Како дваесетгодишник (1967) професионално се вработува во редакцијата на весникот „Млад борец“, а подоцна преминува во културната редакција на тогашната Радио – телевизија Скопје (1973). Најпрвин бил член на редакцијата на познатото списание за уметност и култура „Разгледи“, а потоа и негов главен и одговорен уредник. Од 2008 – 2012 година ја извршувал функцијата директор на Струшките вечери на поезијата.

Првата книжевна творба ја објавил во весникот „Нова Македонија“ во 1962 година. Познат е пред се како книжевен критичар и теоретичар. Но пишува и проза, поезија и драмски текстови. Објавил 26 книги од сите жанрови, како и неколку драмски текстови од кои некои се наградени („Еразмо Ротердамски“ на конкурсот на МНТ, 1999, а за улогата на Ештро во неговата драма „Од првиот здив’ (1995) артистот Диме Илиев ја доби наградата Ристо Шишков. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот.

Досега има објавено триесетина дела од најразлични жанрови. Освен книгите, пишува и драми, од кои неколку се изведени и наградени. Познат е и како хроничар на градот Скопје.

Библиографија

– Книги од книжевната критика и теорија: „Да и Не“, Култура, 1981, „За новите тенденции“, Наша книга, 1984, „Сепак се движи“, Македонска книга, 1985, „Критиката како заблуда“, Македонска книга,1986, „Поетиката на постмодернизмот“, Култура, 1989, „Антиномиите на критиката“, Мисла, 1992, „Модерно и постмодерно“, Македонска книга, 1993, „Нови есеи“, „Наша книга“, 2001, „Побуна на интелектуалците“,Дело,2007,„Патишта на критиката“, Макавеј, 2009, „За книжевноста до последен здив“,Галикул,2015, „Пикасо го изеде јаболкото и тоа му рече благодарам“,Макавеј, 2018 и др.

-Романи: „Одисеј“, Култура, 1991, „Ќе одиме ли кај Џо“, Детска радост, 1992,„Јустинијана, градот кој го нема“, Култура, 1999, „Роман за Ное“, Слово, 2003, „Пиколомини пред портите на Скопје„, „Три, 2005. Поезија: „Каде се раѓа песната“, Детска радост, 1992, „Поетовата смрт“, Култура, 1995

-Драми: „Мистер Бекет“ („Од првиот здив“), изведена во Драмскиот театар 1995 година, награда „Ристо Шишков“ за артистот Диме Илиев истата година, „Еразмо Ротердамски“, награда на конкурсот на МНТ за драмски текст, „Кабаре Скопје“, кабаретска претстава за некогашно и современо Скопје, изведена во МКЦ 2002 година, во продукција на Дирекцијата за култура и уметност…

-Кратки прози: „Патување за Аркашон“, Мисла, 1989, „Магијата на Скопје“, Дирекција за култура и уметност, 1996, “Го сакам Скопје“, Скопско лето-Дирекција за култура и уметност, 2000,,„Белешките на осамениот шетач“,Аз-Буки, 2002 „Чај од јужните мориња“, Магор, 2006,„Скопски легенди“, Дирекција за култура и уметност“,2017.

Слични содржини