Амбасадорката на САД, Кејт Брнз денеска беше во посета на Центарот за логистика на Црвен крст во Момин Поток во Скопје каде со генералниот секретар Саит Саити разговараа за досегашната соработка во рамки на Ковид операциите, а се запозна и со системот на работа на хуманитарната организација.
Брнз се заблагодари на Црвениот крст за неверојатната работа за време на пандемијата со Ковид-19 преку обезбедување на помош за граѓаните на земјата, особено на оние кои најмногу беа погодени, а се сретна и со дел од волонтерите вклучени во активностите на терен на Црвениот крст.
– Особено сме како партнери. Во текот на минатата година, преку УСАИД и други програми, обезбедивме помош за Северна Македонија. Дел од помошта од 1,5 милиони долари беше директно насочена преку Црвениот крст за обезбедување на храна и на хигиенски средства за деца, како и за обука за психолошко-социјални услуги наменети за најранливите лица во заедницата. Но, тоа не можевме да го направиме без помошта од волонтерите, без лицата кои ги подготвија пакетите и ги доставија до лицата на кои им е потребна. Ја искористив можноста да поразговарам со некои од овие исклучително талентирани млади луѓе кои одвоија дел од своето време да направат разлика, да помогнат на луѓето на кои оваа помош и услуги им беа многу потребни. Тие ме инспирираа за иднината на оваа земја, за подготвеноста на граѓаните да им помогнат на своите сограѓани, рече Брнз.
Генералниот секретар Саити посочи дека Ковид операциите во еден сегмент биле поддржани од УСАИД со спроведување на активности за помош и за поддршка на ранливото население. Се поделиле пакети со храна и со хигиенски средства за околу 4.200 семејства, доделена е помош и за 1.000 бебиња. Била пружена и психосоцијална помош на околу 3.000 луѓе преку воспоставен сервис за вакви услуги во 21 град во државата и преку 18 оператори.
– Се договоривме дека и натаму ќе продолжиме да соработуваме за заедничко добро и помош и поддршка на ранливото население во државата. Уште еднаш се истакна доброто партнерство со американската амбасада и американскиот народ како и улогата на волонтерите и волонтеризмот. Работењето на Црвениот крст не може да се замисли без волонтерите. Тие се една носечка сила во нашите активности која и во иднина се очекува да го носи главниот товар, рече Саити.
Тој истакна дека Црвениот крст останува проактивен и во наредниот период и во состојба на готовност, според сите проценки, за евентуален посилен бран од епидемијата оваа есен.