Три лица осомничени за производство на марихуана во викенд-куќа во Визбегово

од Берта Китинска
355 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против тројца 38-годишници за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За сите тројца е побаран притвор поради околности кои укажуваат на можно бегство.

Како што соопшти Јавното обвинителство, двајца од осомничените, како соизвршители, неовластено произведувале и држеле наркотична дрога – марихуана. За таа цел, едниот осомничен ги ставил на располагање дворот и просториите од семејната викенд-куќа во Визбегово. Другиот осомничен, пак, бил затекнат во дворот од куќата во момент кога ги кастрел цветовите од стеблата и ги мерел по тежина за натамошно пакување. При претрес на локацијата биле пронајдени 15 растенија канабис со поединечна висина од 19 до 80 сантиметри, девет свежо искршени гранки со лисја и врвни делови, 20 искршени и делумно соголени гранки со лисја и вршунки канабис, како и дигитална вага.

Во домот на третиот осомничен, пак, на улица „Христо Смирненски“ биле пронајдени и одземени 99,72 грама наркотична дрога – марихуана, како и 2,8 милилитри хашиш смола во два шприца.

Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност да го повторат делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите тројца осомничени.​

Слични содржини