
Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да и се обрати на нацијата денеска по шокантната вест дека тој и првата дама Меланија се позитивни за новиот коронавирус.
Персоналот на Белата куќа разговара за тоа како претседателот може да и се обрати на јавноста и да ги увери Американците дека е добро и дека сепак може да ја води земјата. Една од предложените опции е обраќање преку ТВ-програма, пишува Њујорк Тајмс.
Изданието понатаму пишува дека Трамп покажува лесни симптоми на коронавирус, а тоа им го потврдиле два извори запознаени со неговата здравствена состојба. Едно лице рече дека симптомите на Трамп се слични на симптомите на настинка.
Еден учесник на митингот што се одржа во четвртокот во голф клубот Трамп во Бедминстер, Њу Џерси, рече дека Трамп бил во контакт со околу 100 луѓе на настанот и изгледал летаргично.
Едно лице информирано за здравјето на Трамп рече дека американскиот претседател заспал во авион на „Ер форс еден“ кога се вратил во Вашингтон од митинг во Минесота во средата вечерта.
Официјален претставник на Белата куќа за Њујорк Тајмс изјави дека до четвртокот вечерта имало дискусија за тоа како ќе се третира Трамп. Се зборуваше и за можноста за телевизиско обраќање или снимено обраќање за да се покаже дека Трамп може да ги извршува своите должности без пречки и дека владата работи како порано.
Претседателот ја информираше јавноста за неговата дијагноза нешто пред 1 часот по полноќ по источно-американско време, кога на Твитер напиша: „Вечерва, Првата дама и јас дознавме дека сме позитивни на Ковид-19. Ќе влеземе во карантин и ќе започнеме со процесот на опоравување. Ќе го поминеме ова заедно“.
Трамп има 74 години и е дел од ранлива група за развој на компликации од вирусот.
Неговиот противник на претстојните избори, Џо Бајден, има 77 години и исто така беше тестиран за коронавирус во петокот, но резултатите сè уште не се објавени.
За Ковид-19 биле тестиран и од потпретседателот Мајк Пенс и неговата сопруга Карен, но нивните резултати биле негативни.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека и претседателот и Првата дама се добро, но не откри дали некој од нив има симптоми на болеста. Доколку Трамп сериозно се разболи, постојат уставни процедури што ќе му овозможат на потпретседателот Мајк Пенс привремено да ја преземе власта, само неколку недели пред претседателските избори на 3 ноември.
Но, ако Трамп развие благи симптоми или воопшто нема симптоми, тоа ќе му овозможи да ја продолжи кампањата со тврдење дека вирусот не е толку опасен како што многумина веруваат.
Патем, Трамп веројатно се заразил преку претседателската советничка Хоуп Хикс додека се враќале заедно од митингот во Минесота со претседателскиот авион на „Ер форс еден“. Иако беа заедно во авионот, Хоуп Хикс се држела на дистанца од претседателот бидејќи веќе почнувала да ги чувствува симптомите на болеста.
И покрај тоа што не се чувствуваше добро, сите предизборни активности продолжија. Дека Хикс била позитивна на коронавирус, се чувало во тајност во текот на првите 24 часа.