
Првата дама на Соединетите Американски држави, Меланија Трамп, беше тајно снимена летото 2018 година, кога изрази фрустрација од критиките заради политиката на нејзиниот сопруг Доналд за разделување на семејства кои влегле илегално во САД.
„Тие велат дека сум соучесник. Дека сум иста како него, го поддржувам. Не кажувам доволно, не правам доволно каде што сум“, се слуша на снимката тајно снимена од Стефани Винстон Волкоф, поранешна пријателка и советничка на првата дама, која е за нивната врска ја напиша книгата „Меланија и јас“, пренесува Си-Ен-Ен.
Снимката беше објавена ексклузивно за Си-Ен-Ен во четвртокот вечерта.
Се слуша и како Меланија зборува за новогодишните украси.
„Јас работам на украсување на Божиќ, на кого му е гајле за тоа, но морам да го сторам тоа нели? И кога работам на украсување и планирање на Божиќ, тие велат што е со децата што се разделени. Оставете ме на мира. Каде беа кога Обама го стори тоа? Не можам да одам. Се обидов да обединам дете со мајка. Немав шанса. Треба да помине низ голем процес и закон“, рече Меланија.
Кабинетот на Меланија ја осуди тајната снимка.
Во книгата Волкоф опиша приватни разговори со Меланија, од ладни врски со поќерката Иванка до нејзиниот брак, ставови за граничната полиција, Мишел Обама, до контроверзната јакна што Меланија ја носеше во 2018 година, на која пишуваше „Не ми е гајле“.
Да потсетиме, Доналд и Меланија Трамп се во карантин откако синоќа беше објавено дека се позитивни на коронавирус.