Комуналните служби на Општина Карпош ја исчистија депонијата во Момин Поток, во должина на главната сообраќајница кај индустриската зона.

Како што информира Општина Карпош, исчистен е поголем кабаст отпад и шут, кој претставуваше закана за животната средина во периферниот дел од Општината.
Во акцијата се вклучи и механизација на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, а отпадот соодветно беше одложен во депонијата Дрисла. На овој потег, локалната самоуправа ги интензивира и инспекциските контроли, за да не се повтори оваа слика, се додава во соопштението.
Општинските власти ги повикуваат сите граѓани и фирми соодветно да го одложуваат домашниот, електронскиот и кабастиот отпад, посочувајќи дека на веб страната на Карпош се објавени се сите информации и телефонски броеви за правилно ослободување од отпадот.
– Во изминатиот период, Општината исчисти повеќе децениски депонии во Карпош. Целосно е израмнет потегот од мостот „Газела“ до спортско-качувачката карпа. Исчистени се и депониите кај хотелот „Александар Палас“ и во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како и сметлиштата во Злокуќани (кај фудбалското игралиште) и долж Лепенец (во Бардовци). Овие депонии, во повеќе наврати беа потпалувани, што резултираше со поголемо аерозагадување. Општина Карпош продолжува со континуираната борба за почиста и поздрава животна средина, се нагласува во соопштението.