Давитковски: Посебен закон за рамковните вработени е недопустиво и дискриминаторски

од Vladimir Zorba
519 прегледи

Пролонгирањето на проблемот со „рамковните“ се чини дека нема крај. Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и прв заменик на претседателот на Владата, најави посебен, специјален закон (лекс специјалис) за оваа категорија. На овој начин според него законски би се обврзале институциите и вработените да го прифатат распределувањето.

Но колку е реална ваквата опција? Универзитетскиот професор Борче Давитковски одговара на прашањата на Локално.

Професор Давитковски: Посебен закон за оваа категорија вработени не е решение. Не само што е недопустливо, туку е и дискриминаторски. На овој начин нивниот досегашен статус треба да прекине. Решението треба да се бара во рамки на постоечките закони. Сигурен сум дека доколку има политичка воља, прашањето може да се реши до Нова Година, и на тој начин да заврши оваа голгота која трае 10 години.

Локално: Претходно, истиот министер изјави дека нема законска можност да отпуштање на овие лица, дури и ако одбијат да работат.

Професор Давитковски: Формално правно сите овие лица се вработени во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Да ве потсетам, сите беа примени со посебен закон, без какви било полагања (во пакет) со одредба која тоа го дозволуваше. Сега се соочуваме со армија луѓе кои се формално вработени во ова Министерство, а всушност ништо не работат. Министерот Груби може да ги отпушти по две основи. Едната е доколку не прифатат распределување на друго работно место кое ќе им биде понудено, а втората е доколку се утврди дека „вработениот“ е вусшност во странство, што пак само по себе повлекува и кривична одговорност.

Локално: Кој би бил според Вас излезот од оваа ситуација? Општ впечаток е дека станува збор за парадокс, но пред се дава исклучително грда слика од комплетно изместените вредности

Професор Давотковски: Секако дека постои решение, секогаш постои. Но, ако се сака. На оваа категорија вработени треба да им се понудат работни места според степенот на нивното образование. Доколку не го прифатат, автоматски треба да им следува отказ. Проблемот е во тоа што многумина од нив сакаат да работат во Скопје, или пак по институции или регулаторни тела каде што платите се високи. Во моментов, Груби има Министерство кое е без надлежности. На некој начин „рамковните“ ги доби во „мираз“. Тој сега треба да направи Правилник за систематизација и организација. Оние што не се вкчлучени во оваа систематизација треба да ги трансферира по други институции. Реалноста е друг проблем. Во меѓувреме, министерот за финансии Бесими распиша јавен оглас за вработување на 30 лица. Фактот дека не станува збор за хоризонтално превземање, туку за јавен оглас, значи дека нема намера да ги превземе. Затоа, мора да се направи мораториум на сите вработувања, се додека не се распредели оваа категорија вработени.

Локално: Се наметнува впечатокот дека целата ситуација се вулгаризира, но пред се остава простор за сомнеж дека на овој начин се дискриминираат сите останати кои не се припадници нa Албанската етничка заедница

Професор Давотковски: Се согласувам дека станува бор за класична дискриминација, не само кон Македонците, туку кон сите помали етнички заедници кои се наведени во Уставот. Принципот на правилна етничка застапеност кај нас се почитува во целост, па дури и повеќе од тоа. Така на пример во одредени министерства каде што првите луѓе се припадници на Албанската етничка заедница, како на пример Министерството за локална самоуправа имаат вработено 51% македонски Албанци. По таа логика, таму не треба да се прими нов вработен, припадник на оваа етничка заедница во следните 20 години.

Калина В. Стојановска

Слични содржини