Словенечкиот премиер Јанез Јанша во средата наутро, преку порака на Твитер, веќе го прогласи американскиот претседател Доналд Трамп за победник на штотуку одржаните претседателски избори во САД.
„Веќе е јасно дека Американците го избраа Доналд Трамп за уште четири години. Колку повеќе одложувања и негации на фактите од центристичките медиуми, толку е поголем триумфот за претседателот Трамп“, сподели Јанша.
Словенечкиот премиер беше меѓу ретките европски државници кои отворено го поддржаа Трамп за време на претседателската кампања во САД, во друштво на унгарскиот премиер Виктор Орбан и српскиот претседател Александар Вучиќ. Неодамна во твит тој напиша дека изборот на демократот Џо Бајден би бил лош за светот затоа што Бајден е „слаб“ кандидат во време кога на светот повеќе од кога било, како што напиша, му треба „силно“ американско раководство претставено од Доналд Трамп.
Во својот твит денес Јанша и честиташе на Републиканската партија на Трамп за резултатите од изборите за претставници во Конгресот и Сенатот.
Јанша ја предводи Словенечката демократска партија (СДС), која под негово раководство се посилно се профилира како крајна десница, нагласувајќи ги темите за илегална миграција и европскиот христијански идентитет наспроти исламот и крајно конзервативните политички вредности. Опозицијата, исто така, го споредува Јанша со Трамп заради изразениот конфликт со медиумите, кои тој ги обвинува за „лажни вести“ и политичка манипулација со гласачите.
Левичарската опозиција честопати го критикува словенечкиот премиер за „орбанизирање“ на Словенија затоа што тој е пријател со унгарскиот премиер и има многу заеднички ставови за миграциските прашања и глобализмот, како и скептицизам за „централизмот“ и бирократизацијата во Брисел.
It’s pretty clear that American people have elected @realDonaldTrump @Mike_Pence for #4moreyears. More delays and facts denying from #MSM, bigger the final triumph for #POTUS. Congratulations @GOP for strong results across the #US @idualliance pic.twitter.com/vzSwt9TBeF
— Janez Janša (@JJansaSDS) November 4, 2020