Бројот на заразени со коронавирус во светот надмина 48 милиони, а починаа 1.222.985 лица, според сајтот worlodmeters.info.
Според веб-страницата, заразени се 48.027.510 лица, а досега се опоравиле повеќе од 34,4 милиони. Бројот на активни случаи е поголем од 10 милиони.
Според најновите расположиви податоци, 218 земји биле погодени од короната, а ниту еден случај не бил регистриран само во 10 земји: Северна Кореја, Туркменистан, Вануату, Самоа, Кирибати, Сојузните држави на Микронезија, Тонга, Палау, Тувалу и Науру.
Северна Кореја го пријави својот прв сомнителен случај на 26 јули во пограничната индустриска зона со Јужна Кореја – Кесонг. Целата област беше затворена, но после тоа, властите од Пјонгјанг потврдија дека не станува збор за корона. Бидејќи се граничи со Кина, Северна Кореја беше и првата земја што ги затвори своите граници на 21 јануари и оттогаш не ги отвори. Потоа, спроведе строги мерки за оние што влегуваат во земјата (и странци и локални жители), вклучително и едномесечен или двомесечен карантин.
Кога станува збор за земјите најпогодени од короната, девет од нив имаат повеќе од милион заразени.
На убедливо прво место се САД, со 9.696.175 заразени, следени од Индија со 8.335.273 случаи, па Бразил со 5.567.126, Русија со 1.693.454, Франција 1.502.763, Шпанија 1.331.765 заразени, Аргентина 1.195.276 случаи, Колумбија 1.099.392 и Велика Британија 1.073.882 случаи на коронавирус.
Другите земји имаат помалку од еден милион заразени, а земја со најмал резултат досега се Волис и Футуна, група од три вулкански острови во Тихиот океан, меѓу Фиџи и Самоа, кои пријавиле само еден случај на Ковид-19.