Џеј Ло мрази кофеин, но стана сопственик на бренд за кафе

од Vladimir Zorba
221 прегледи

Џенифер Лопез и Алекс Родригез влегоа во нов бизнис. Двојката, која заедно има богатство вредно околу 750 милиони долари (според информациите од јануари, Алекс Родригез „вреди“ околу 350 милиони долари, а Лопез има нето вредност од 400 милиони долари), инвестирале дел од своите средства во брендот кафе.

Така, славната двојка стана малцински сопственик на компанијата „Kitu Life“, основана во САД во 2016 година, која го произведува „Super Coffee“, подобрена линија на кафе без шеќер. Парот „ќе му помогне на брендот да го достигне својот целосен потенцијал“, соопшти компанијата.

„Моите браќа и јас сме воодушевени што продолжуваме да го градиме нашиот бизнис заедно со Џенифер и Алекс“, рече Џим Де Кико, извршен директор на „Super Coffee“.

Оваа вест е прилично парадоксална, бидејќи секој што понекогаш прелистува списание за познати личности знае дека атрактивната Џеј Ло е голем противник на пиењето кафе, а таа засекогаш е на списокот на славни кои никогаш не пиеле кафе во животот и не планираат да пијат кафе.

„Јас не пијам алкохол и не пушам цигари и не внесувам кофеин во моето тело. Сето ова страшно ја уништува кожата, особено како што старееме“, изјави таа за „Us Weekly“ во 2016 година, кога ја прашаа за тајната на нејзината убавина.

Затоа, ќе биде многу интересно да се види како тие ќе го промовираат своето кафе. Можеби одеднаш ќе стекне некои нови навики…

Нивната инвестиција доаѓа откако „Super Coffee“ потпиша договор за национална дистрибуција со компанијата „Anheuser-Busch InBev“ во над 25 илјади продавници во јуни годинава. Неколку месеци порано, во јануари, Алекс Родригез стана и ко-сопственик и претседател на пивото „Presidente“ (сопственост на „Anheuser-Busch InBev“).

Родригез првпат слушна за „Super Coffee“ во шоуто „Shark Tank“, каде што се појавија браќата во 2018. Сепак, тогаш жирито не беше заинтересирано, од кои едниот беше Родригез. Потоа тие побараа инвестиција од 500 илјади американски долари во замена за 4,5 проценти од сопственоста. Денес, кога компанијата се проценува на 240 милиони долари, учеството од 4,5 проценти би изнесувало нешто помалку од 11 милиони долари.

„Браќата кои стојат зад „Super Coffee“ се вклопуваат во нашиот план. Тие изградија силна компанија за кратко време и со нетрпение очекуваме да му помогнеме на брендот да го достигне својот целосен потенцијал“, вели Родригез.

Лопез, пак, додава дека во моментот кога Алекс и таа првпат ја слушнале приказната за „Super Coffee“ и го пробале производот, тие сакале да бидат дел од таа приказна.

„Веднаш знаевме дека можеме да ја искористиме нашата мрежа за да ја изградиме оваа марка на глобално ниво“, рече Лопез.

Со инвестицијата, Џеј Ло и Алекс Родригез се приклучија на растечката листа на познати инвеститори кои се стекнаа со удел во „Super Coffee“, во кој веќе се вклучени актерот Патрик Шварценегер и спортистите Арон Роџерс, Мејсон Пламли и Бумер Есисон, меѓу другите.

Компанијата е основана во 2015 година од тројца браќа Де КиКос. Сè започна со најмладиот брат, Џордан, кој беше кошаркар на Универзитетот во Филаделфија. Тој започна да готви кафе во својата студентска соба за да остане буден доцна во ноќта и да ги надополни акумулираните обврски од колеџот, бидејќи тој исто така практикувал спорт.

Откако ја претвориле идејата во фирма, Џим се откажал од работата како финансиски аналитичар за групата „Блекстоун“, подоцна се придружил и средниот брат Џејк затоа што тој сакал прво да ги заврши додипломските студии, а Џордан решил да го напушти училиштето и да се занимава со бизнис. пишува „Форбс“.

Нивната компанија со седиште во Њујорк во моментов има 90 вработени со полно работно време и бележи експлозивен раст на приходите. Во 2016 година „Super Coffee“ заработи 200 илјади американски долари, во 2017 година 800 илјади американски долари, во 2018 година порасна на 3,5 милиони, во 2019 година 26 милиони американски долари, а во 2020 година се проценува дека ќе постигне 70 милиони американски долари продажба.

Родригез за медиумите изјави дека тој и неговата идна сопруга обожаваат добитни компании со победнички основачи, кои ја имаат таа посебна енергија.

Слични содржини