По синоќешната статистика, земјава со нов црн рекорд од 1321 заразени од Ковид 19, на направени 3836 теста, односно 34,4% од тестираните.
Активни засега се 15975, а бројката на хоспитализирани се искачи над 1000.
Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата е 42.540. Оздравени се 25.353 пациенти, а починале 1212, од кои само вчера 26.
И натаму по дневните статистика, повеќе од половина од заразените се во Скопје, а меѓу општините се уште Аеродром е лидер со 1161 заразено лице, потоа следуваат Гази Баба 1007 и Карпош со 987.
Извештајот на Институтот за јавно здравје, што се однесува на периодот од 2. до 8. ноември, покажува зголемување од 25,5% на бројот на нови позитивни случаи.
Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 37 отсто. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група над 60 години, додека најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години.
На Инфективната клиника има 155 пациенти, од кои 134 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле хоспитализирани се 11 деца и 27 возрасни пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ се 79 пациенти, а седум се на респиратор. Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 56 пациенти, на Клиниката за неврологија 21 пациент, на Кожната клиника 23 пациенти.
Во болницата во Битола, пак, се хоспитализирани 80, а во болницата во Штип се 60 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 534 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Во меѓувреме се подобруваат сместувачките капацитети во болниците во Струмица, Гевгелија, Дебар, Ресен и Прилеп. Во Велес освен на Инфективно одделение кое е засебна зграда, од изминатиот викенд пациенти се примаат и на Одделението за физикална медицина.
Инаку, бројот на заразени од корона вирусот во светот надмина 52 милиони, излекувани се 36,6 милиони, активни се 14,4, а битката со Ковид 19 ја изгубија речиси 1,3 милиони луѓе.