Костовски: Целата постапка со Еуростандард е голем криминал и ќе го докажам тоа

од Vladimir Zorba
315 прегледи

Сопственикот на Еуростандард банка, Трифун Костовски во своето обраќање на надзорната расправа на тема „Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на Еуростандард банка АД Скопје“ што денеска се одржа во Собранието во организација на Комисијата за финансирање и буџет изјави дека се работи за „организиран криминал кој не е почнат од пред една година, туку со години наназад“.

Тој нагласи дека и претходно состојбата на банката била десет пати полоша отколку во моментот кога е донесена одлука за стечај, како и дека одлуката е донесена без функционално Собрание како највисоко тело кое ја контролира работата на Народната банка и без формирана Влада.

Посочи дека „целата постапка со Еуростандард банка е голем криминал и додаде дека ќе го докаже тоа“.

По завршувањето на надзорната расправа Комисијата за финасирање и буџет ќе треба да изготви извештај со заклучоци.

Еуростандард банка ја изгуби дозволата за работа во август годинава поради,како што беше посочено тогаш, неконтролираното преземање ризик за кредитирање и големото издвојување на резервации за кредити кои не се враќале на време.

Досега над 70 отсто од клиентите на банката со заштеди до 30.000 евра ги подигнаа средствата кои им беа заробени, додека останатите 780 депоненти кои имаат поголеми износи од 30.000 евра остатокот ќе треба да си го бараат од стечајната маса.

Слични содржини