Според министерот за надворешни Бујар Османи решавањето на деценискиот спор не може да функционира со рокови.
Тој потенцираше дека засега не постои конкретна иницијатива и оти за три дена не можат да се решат децениските разлики меѓу нашата држава и Бугарија.
Османи изјави дека се уште е оптимист во однос на преговорите со Бугарија и дека до последен момент македонската страна ќе се труди да постигне договор.
„Постигнавме доста напредок во многу прашања, дури би рекол 7-8 кои се сензитивни за едната или другата страна, меѓутоа дали е тоа доволно за да се деблокира процесот не можам да кажам, пред нас сè уште три дена. Како што реков ќе работиме во неколку наврати до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е важен само Северна Македонија, туку и за Бугарија и за сите членки на ЕУ, пред сè и за кредибилитетот на Унијата и за регионалната динамика. Меѓутоа, се разбира треба да се сретнеме некаде во овие позиции во рамки на тоа што може да се разговара“, изјави Османи.
Ппремиерот Зоран Заев повтори дека е можно во декември да не ги почнеме преговорите за членство со ЕУ, но нема да отстапиме пред бугарските услови, а вчера, пак, вицепремиерот на Бугарија Красимир Каракачанов го повтори нивното „не“.
На 17 ноември очигледно нема да се донесе одлука за почеток на преговорите со С Македонија. Јас не би го нарекол ова вето, туку одложување, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, пренесува БГНЕС.
– Одложување на процесот, но сето тоа зависи од Скопје. Ако одлучат да го променат своето мислење, да престанат да ја фалсификуваат историјата и да користат говор на омраза, тогаш ќе има друго решение. Меѓутоа, малку е веројатно дека тоа ќе се случи во следните денови – вели Ковачев.
Тој не ја исклучува можноста преговорите со Македонија да почнат за време на едно од наредните претседателства со ЕУ во 2021 година.
Според него, бугарската позиција е иста, а од потпишувањето на Договорот за добрососедство, Македонија имала три години да ја промени својата политика.
Според аналитичар и основач на Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус,, целиот регион ќе страда ако Северна Македонија биде блокирана на патот кон ЕУ.
Република Северна Македонија е единствената земја за која Европската комисија е категорична дека може да започне преговори. Ако земјата за која ЕУ верува дека е најдобро подготвена да го започне преговарачкиот процес повторно е блокирана поради билатерални проблеми, тогаш целиот регион ќе страда, оценува, Кнаус.
– Колку е опасно кога политичарите во регионот ќе престанат да веруваат во европската перспектива може да се види на друго место, источно од ЕУ, каде се водат војни и каде националистите тврдат дека ЕУ е „фата моргана“, вели Канус во интервју за Бугарското национално радио.